Објавени се и првите фотографии од гробницата на починатиот папа. На камената погребна плоча е изгравирано името „Franciscus“. Над неа има распетие осветлено со рефлектор
Базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим од денеска ги отвори вратите за верниците кои сакаат да го посетат гробот на папата Франциск, еден ден откако беше погребан на ова место.

Илјадници верници од рано утринава чекаа во редици пред црквата за да му оддадат последна почит на поглаварот на Римокатоличката црква кој почина во понеделникот на 88-годишна возраст.
Објавени се и првите фотографии од гробницата на починатиот папа.

На камената погребна плоча е изгравирано името „Franciscus“. Над неа има распетие осветлено со рефлектор.

Во својот последен тестамент папата Франциск побара да биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во центарот на Рим наместо во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, каде што се погребани многу негови претходници. Тој беше погребан вчера по големата погребна церемонија на плоштадот „Свети Петар“, на која присуствуваа околу 400 илјади луѓе, меѓу кои бројни светски лидери и државници.