Двомесечниот надоместокот во висина од 50 проценти од платата што ја земал работникот ќе се исплаќа преку Агенцијата за вработување и за него може да аплицираат оние што останале без работа во периодот од 11 март до 30 април
Работниците, кои поради корона-кризата останале без работа, независно од времето поминато во работен однос, ќе можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. Тие ќе добиваат паричен надоместок преку Агенцијата за вработување во времетраење од два месеца. Надоместок ќе добиваат невработените лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година.
„Со дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, се обезбедува материјална сигурност преку олеснување во поглед на основата по која работниците останале без работа. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во изминатиов период на голем број од работници им бил прекинат работниот однос врз основа на потпишана спогодба, отказ или лична изјава. Со новата уредба, сите тие добиваат право на паричен надоместок“,
се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Во Уредбата е предвидено паричниот надоместок да се исплатува во висина од 50 отсто од месечна нето-плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80 отсто од просечната месечна нето-плата по работник во земјава, објавена за последниот месец.
За да добие паричен надоместок, невработеното лице треба да достави барање во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на новата Уредба до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.
