Премиерот рече дека нема да постои дилема за приведување високи владини функционери ако тоа е по налог на Обвинителството. Додаде дека истрагата за пожарот во Кочани ја води води обвинител кој бил избран на предлог на владата на СДСМ и ДУИ, што, според него, го покажува врвот на демократијата
Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас или Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат – рече премиерот Христијан Мицкоски во дел од одговорот на пратеничкото прашање од пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Трајчулески обвини дека истрагата за трагедијата во Кочани се води селективно и праша дали нејзиното свесно разводнување има за цел да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, а со тоа и за смртта на 62 лица.
Во одговорот до Трајчулески, премиерот рече дека во моментов во истрагата за трагедијата во Кочани се опфатени 68 лица, меѓу кои и актуелни функционери што оцени дека во време на СДСМ било невозможна мисија. Дали бројката на опфатени во истрагата ќе остане на 68 или ќе се зголеми, како што рече, ќе каже Обвинителството.
„Нека ви кажат сопартијците за модуларната болница, за Ласкарци и за ‘Беса транс’ колку беа опфатени со истрага и колку кривични пријави беа поднесени во тој момент. Ако не ви кажат, набргу ќе има расправа во Собранието и ќе слушнете од другите колеги пратеници. Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години нè затворавте, нè приведувавте и до ден-денес ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше“,
рече Мицкоски во одговорот на пратеничкото прашање.
Премиерот додаде дека нема да постои дилема за приведување високи владини функционери ако тоа е по налог на Обвинителството. Додаде дека истрагата за пожарот во Кочани ја води води обвинител кој бил избран на предлог на владата на СДСМ и ДУИ, што, според него, го покажува врвот на демократијата.
„Ако обвинител каже дека треба да апси и приведува високи владини функционери од оваа влада, ќе се слушне тоа. На крајот од денот, еден член на Владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија“,
рече Мицкоски.
Во однос на обвинувањето на пратеникот од СДСМ дека по повеќе од еден месец од трагедијата во Кочани ниту еден владин функционер не поднел оставка од морални причини, премиерот возврати оти пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал, додавајќи дека на претстојните локалните избори граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, а чија продолжува и во каква форма.