Тој посочи дека има информации за злоупотреби од страна на вработени во здравствените установи, но не сака да генерализира и нагласи дека не се сите доктори такви

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека министерството стои на располагање за да се исчистат криминалот и корупцијата во здравствениот систем. Оваа изјава доаѓа по вчерашната полициска акција во врска со злоупотреби при остварување права на надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија, како и за претходниот случај во Геријатрискиот центар, каде што директорот беше приведен поради примање поткуп.
„Се случи во Геријатрија една акција, тој беше член на нашата партија, утредента го разрешив од директор и потоа по два дена го исклучивме од партија. Сите што грешат, ние ниту сме полиција, ниту јавно обвинителство, ниту ги следиме луѓето. Меѓутоа ги поздравувам сите овие акции“,
изјави Таравари при посетата на болницата во Куманово.
Тој посочи дека има информации за злоупотреби од страна на вработени во здравствените установи, но не сака да генерализира и нагласи дека не се сите доктори такви.
„Но, таму кај што постојат сомнежи ги поддржувам, со сета почит и стоиме како Министерство за здравство тука да помогнеме на сите вакви акции за да се исчисти криминалот и корупцијата“,
рече Таравари.
Во врска со случајот на починатиот пациент на Кардиохирургија, Таравари информира дека извештајот е готов, но тој сè уште не го прочитал.
„За Кардиохирургија мислам дека е готов, но не сум го прочитал, ви кажав, од Санитарен инспекторат е пристигнат, прочитав и пред новинарите што е констатацијата. Така што, ќе видиме за понатамошните чекори, што ќе биде преземено“,
изјави Таравари.