Во овие 426 фирми чии лиценци ќе бидат одземени работат 2 188 лица. Само три отсто од овие фирми имаат повеќе од 10 вработени
Речиси третина од фирмите чии лиценци ќе се одземаат имаат блокирана сметка или се неактивни. Ова е резултатот од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за фирмите од списокот што го објави Министерството за транспорт за одземање на нивните лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, а по спроведените контроли од трагичниот настан во Кочани.
За потребите на истражувањето се земени и податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, како и податоците за статусот и финасиските резултати од Бизнис мрежа.

Иако на списокот на фирми на кои треба да им се одземат лиценците за градежно работење и урбанистичко планираше што го објави Министерството за транспорт и врски има 479 фирми, според истражувањето на ЦГК, лиценци ќе им се одземат на 426 фирми. Причина за тоа, е зашто на списокот има некои фирми што се повторуваат, а на други им се одземаат по неколку лиценци.
„По една лиценца ќе им се одземе на 92 отсто од фирмите, односно на 390 фирми. По две лиценци ќе им се одземат на шест отсто од фирмите, односно на 28 фирми, а по три лиценци ќе им с еодземат на два отсто од фирмите, односно на седум фирми. Само на една фирма ќе и се одземат четири лиценци“,
пишува во истражувањето на ЦГК.
На фирмите ќе им се одземат 11 видови различни лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца. Сепак, за најголем дел од фирмите, лиценците што ќе се одземаат, не се услов фирмите да работат и да добиваат државни тендери.

„Во моментов, само 11 отсто од фирмите што се на листата за одземање на лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки, а само за пет отсто од фирмите лиценцата што треба да се одземе е релевантна за договорот“,
велат од ЦГК.
Од 426-те фирми на кои им се одзема лиценца, само 101 фирма имале добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра. Актуелни тендери имаат 49 фирми, со вкупна вредност од 26 милиони евра. Сепак, само 23 фирми што имаат важечки договор за јавна набавка ќе ја загубат лиценцата што била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, со вкупна вредност од 14 милиони евра.
Според истражувањето на ЦГК, најголем дел од фирмите што ќе им се одземеме лиценцата остваруваат ниски годишни приходи, а од 31 отсто од нив имаат годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од еден милион евра имаат само 33 фирми, или осум отсто.
Во 426-те фирми чии лиценци ќе бидат одземени работат 2 188 лица. Четири отсто од овие фирми немаат вработен, а три отсто имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само три отсто од фирмите.