Според владејачката партија, Мицкоски прави сè за да ја заглави државата во неизвесност и криза и да нема избори
„Потребна е итна стратегија за обнова на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ знае како“, истакнуваат од опозициската партија во денешното соопштение и го обвинуваат СДСМ дека ја урива државата.
Иако ВМРО-ДПМНЕ смета дека изборите треба да се одржат на крајот на летото, така што конституирањето на новиот парламент и на владата, согласно уставните рокови, би се оддолжило до доцна наесен, опозициската партија и утрово ја критикува владејачката партија дека има најлоши резултати во борбата против коронавирусот.
„Власта е неспособна да се справи со короната, па вината ја бара кај граѓаните. Неспособноста на СДСМ за која сега се виновни граѓаните, кои ги затворија два месеци дома, како во притвор, ќе ги чини токму граѓаните 1.3 милијарда евра до крајот на годината, за кои државата ќе треба да се задолжи. ВМРО-ДПМНЕ е различна од СДСМ. Со СДСМ и Заев добивме хибриден режим, неспособност, криминал и сиромаштија,“
се наведува во соопштението на опозициската партија.
Од СДСМ, пак, одговараат со обвинување дека Христијан Мицкоски, во време на сериозна здравствена криза, се однесува несериозно и се обидува политички да профитира на здравјето на граѓаните. Според СДСМ, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната владата работат на штета на граѓаните и државата.
„Мицкоски на граѓаните им нуди само лажни вести и деструкција. Додека ги лажеше граѓаните дека нема доволно тестови за коронавирусот, дека поради кризата 140.000 луѓе останале без работа, тој си вежбаше во затворена теретана и во група се качуваше по Водно“,
реагираат од СДСМ.
Според владејачката партија, Мицкоски прави сè за да ја заглави државата во неизвесност и криза и да нема избори бидејќи, како што велат, добро знае дека ќе биде поразен.
„Затоа изборите се решение за проблемот наречен Мицкоски и неговите кадри во Владата. Со ново Собрание и со нова политичка влада, со целосен легитимитет, институциите ќе бидат посветени на обезбедување на законите во државата и заштита на здравјето на граѓаните. Само на тој начин уште поефикасно ќе се справиме со последиците од досегашната епидемија, но и ќе бидеме поподготвени да го дочекаме септември и очекуваниот нов бран на вирусот“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
