Прашуваат кој ќе ја сноси одговорноста за неисплатените плати, оти тие не се награда, туку законско, загарантирано право
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) бара најитна исплата на сите неисплатени плати. Оттаму велат дека без плата не останале само вработени во културата, туку и оние во Министерството за економија и во Државниот пазарен инспекторат.

„Иако помина недела од законскиот рок, платите на вработените во државните институции сè уште не се исплатени. До таму ДПМНЕ ја донесоа земјата. Не зборуваме веќе за економски развој, туку дали Владата ќе може да ја исполни најосновната обврска – исплата на заработената плата“,
велат од опозицискиот СДСМ.
Прашуваат кој ќе ја сноси одговорноста за неисплатените плати, оти тие не се награда, туку законско, загарантирано право.
„Ова не е само скандал, ова е кршење на основните права на работниците, туку уривање на нивното достоинство и уште една потврда за неспособноста на Владата предводена од ДПМНЕ“,
посочија оттаму.
Според опозицијата, животниот стандард е на историско дно, сметките растат, а Владата го одби секое барање за покачување на платите, со што македонскиот работник останува најпотценет во регионот.
Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вчера повикаа директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата што им се доставуваат.
Реакцијата на СОНК дојде откако министерот Љутков, говорејќи за начинот на кој сега ќе се исплаќа платата, рече дека досега секое исплаќање било незаконско зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значело дека треба сами да си ги обезбедат средствата одвнатре.
Љутков додаде дека како резултат на тоа се намалувала продукцијата, немало средства за капитални, ни за обични инвестиции.
Сè уште не се исплатени платите за март за околу 3 000 луѓе вработени во културата во 120 институции.
Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) рекоа дека насоките што ги добиле директорите во институциите за изготвување на мартовската плата за вработените во културата се спротивни на колективните договори.