Церемонијата започна во просториите на куќата „Санта Марта“, каде што папата живееше и почина. Пред ковчегот со телото на папата да биде изнесено оттаму, кардиналот Кевин Фарел држеше богослужба. По молитвата, започна поворката кон базиликата „Свети Петар“
Телото на папата Франциск утринава е преместено од гостинската куќа „Санта Марта“ во базиликата „Свети Петар“.

Церемонијата започна во просториите на куќата „Санта Марта“, каде што папата живееше и почина. Пред ковчегот со телото на папата да биде изнесено оттаму, кардиналот Кевин Фарел држеше богослужба.
„Драги браќа и сестри, со длабока тага, сега ги придружуваме смртните останки на нашиот папа Франциск во ватиканската базилика. Додека го напуштаме неговиот дом, да му благодариме на Господа за безбројните дарови што му ги подари на христијанскиот народ преку својот слуга, папата Франциск. Да го замолиме, во неговата милост и добрина, да му подари на починатиот папа вечен дом во царството небесно и со небесна надеж да ги утеши папското семејство, црквата во Рим и верниците во светот“,
рече кардиналот Кевин Фарел.
По молитвата, започна поворката кон базиликата „Свети Петар“.

Ковчегот со телото на папата Франциск помина низ толпата верници насобрани на плоштадот пред базиликата кои ракоплескајќи чекаа да му оддадат последна почит. За време на поворката биеја камбаните на „Свети Петар“, а движењето на ковчегот се прикажуваше на големите видеобимови поставени околу плоштадот.

Поворката траеше нешто помалку од 40 минути, по што ковчегот беше пренесен во базиликата „Свети Петар“, каде што и ќе остане до погребот кој е закажан за в сабота. Дотогаш верниците ќе може да му оддадат последна почит на папата Франциск кој почина во понеделникот на 88-годишна возраст.