На средбата меѓу директорот на СОЗР, Ивица Томовски и претставниците на „Скопски саем“ биле разгледани можностите за локација, инфраструктурни услови и иновации кои би го направиле новиот саемски простор конкурентен на регионалните и меѓународните пазари
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска одржал средба со претставници на „Скопски саем“ со кои ја дискутирал потребата од изградба на нов саемски комплекс во Скопје.

Од СОЗР информираат дека за време на средбата биле разгледани можностите за локација, инфраструктурни услови и иновации кои би го направиле потенцијалниот нов саемски простор конкурентен на регионалните и меѓународните пазари.
„Враќањето на ‘Скопски саем’ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар“,
изјавил директорот на СОЗР, Ивица Томовски, за време на средбата.
Директорка на „Скопски саем“, Даниела Глигоровска, пак, ги нагласила предностите од обновување на саемската активност, која веќе неколку години не се одржува во сопствен објект.
„Саемите претставуваат клучни настани за промоција на македонските производи и услуги, како и за создавање на нови можности за странски инвестиции и соработка. Изградбата на современ саемски комплекс ќе ги отвори вратите за нови можности и ќе создаде услови за зајакнување на економијата“,
додала Глигоровска.
На средбата било договорено продолжување на меѓуинституционалната соработка во претстојниот период со цел подетално да бидат разгледани сите аспекти и можности за изградба на нов саемски објект.