Летот 1213 на „Делта“ требаше да полета од Орландо кон Атланта, со речиси 300 патници. Нема извештаи за повредени
Патници морале да напуштат авион на компанијата „Делта ерлајнс“, кој стоел на пистата на меѓународниот аеродром во Орландо во Флорида, откако му се запалил моторот, пишува Би-би-си. Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат како од десниот мотор на авионот излегуваат чад и пламен, а патниците излегуваат спуштајќи се по рампите за евакуација.
Летот 1213 на „Делта“ требаше да полета од Орландо кон Атланта, со речиси 300 патници. Нема извештаи за повредени.
„Патниците се евакуирани. Екипата за спасување и гаснење пожар брзо реагираше“,
објавија од аеродромот на социјалните мрежи.
Во изјава за американската Си-би-ес њуз, „Делта ерлајнс“ наведе дека станува збор за авион „ербас А330“ во кој имало 282 патници, 10 члена на кабинскиот екипаж и двајца пилоти. Компанијата соопшти дека членовите на екипажот ја евакуирале кабината откако биле забележани пламени на еден од двата главни мотори.
Видео кое се чини дека е снимено од аеродромот ги прикажува патниците како стојат на пистата додека возилата за итни случаи се паркирани до авионот.
„Им се заблагодаруваме на патниците за нивната соработка и се извинуваме за ова искуство. Безбедноста е секогаш наш врвен приоритет и нашите тимови работат на тоа патниците да стигнат до своите дестинации што е можно побрзо“,
соопшти „Делта“.
Passengers had to evacuate on emergency slides after a Delta plane caught fire on the tarmac at Orlando International Airport on Monday, the FAA said.
— CBS News (@CBSNews) April 21, 2025
Delta Air Lines Flight 1213, bound for Atlanta, was pushing back from the gate for departure around 11:15 a.m. when an engine… pic.twitter.com/kLJ1LR7DeF
Федералната администрација за воздухопловство (ФАА) објави дека ќе спроведе истрага за инцидентот.
Ова е само еден во низата сериозни воздухопловни инциденти што се регистрирани во Северна Америка оваа година. На 29 јануари 67 лица загинаа откако патнички авион и воен хеликоптер се судрија во воздух во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон. По несреќата, истражителите препорачаа ограничување на летовите на хеликоптерите во одредени области околу аеродромот.
На 17 февруари сите 80 патници преживеаја несреќа кога авион на „Делта“ се урна и се преврте при слетување во Торонто.
Авион што леташе од Минеаполис се лизна на пистата, пламенот беше видлив, а авионот се запре на покривот, поради што пожарникарите брзо се упатија кон него.