„Причина за овој протестен Совет е ударот врз достоинството на културните работници, ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите и оставање на вработените во културата за велигденските празници без пари“, се вели денешното соопштението од Синдикатот
Утре точно напладне Синдикатот на култура ќе одржи протестен Совет во проширен состав пред Министерството за култура и туризам, потврдија денеска од Синдикатот, преку писмено соопштение.

Инаку, протестниот Совет од Синдикатот го најавија во петокот, а како повод ги истакнаа неисплатените мартовски плати поради, како што наведуваат, ненавременото усогласување со минималната плата согласно одредбите од Колективниот договор за култура и со Општиот колективен договор.
Во денешното соопштението тие ги повторуваат причините поради кои излегуваат на протест.
„Причина за овој протестен Совет е ударот врз достоинството на културните работници, ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите и оставање на вработените во културата за велигденските празници без пари“,
се вели во соопштението од Синдикатот за култура.
Во него со големи букви тие упатија и порака до надлежните.
„Културата не е трошок, таа е основа на секое општество“,
порачуваат од Синдикатот.
Во петокот, оттаму го прозваа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков за настаната ситуација, нарекувајќи го сузбивач на правата на вработените во културата.
Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) тогаш рекоа дека се разочарани од министерот кој „од позиција на член активно ја поддржуваше политиката на СКРМ за почитување на Колективните договори, но кој од позиција на министер стана вистинскиот трагичар во културата“.
Оттаму, исто така, порачаа дека доколку се случи неоснована преправка на платите, тие ќе поднесе кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, иако во конкретниот случај се најмалку виновни, но се највеќе одговорни.
„Членството на СКРМ ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за неисплата на платите согласно Колективните договори, ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за парично побарување за задоцнето исплаќање на платите за изминатите три години, кое според Колективниот договор за култура е 10-ти во месецот“,
наведоа од Синдикатот во петокот.
Од Министерството за култура и туризам, истиот ден, информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена оваа недела согласно Законот и Колективниот договор.
Причините за доцнењето, како што наведоа од Култура, се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку писмено соопштение побара оставка и одговорност од министерот за култура, Зоран Љутков, поради како што рекоа од партијата, хаосот што го направил во ресорот со кој раководи.
Реакцијата и барањата, наведени од СДСМ во три точки, како што велат оттаму се поради „срамните“ изјави на министерот за приватизација на културното наследство и неисплатените мартовски плати на работниците во културата.
На обвинувањата и барањата од СДСМ, реагираа од владејачката ВМРО -ДПМНЕ од каде наведоа дека кога оваа партија зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека изгаснал пожар.

„Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци. Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани“,
се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.