Што е папа и која е неговата улога, кој го избира, кој може да биде избран и кој може да стане поглавар на Римокатоличката црква се прашањата кои се актуелни во моментов и на кои во неколку кратки пасуси се осврнува Би-би-си
По 12 години на чело на Римокатоличката црква, денеска на 88-годишна возраст почина папата Франциск.

По неговото упокојување почнува процедурата за избор на нов папа кој има вековна традиција и кој во наредните денови ќе биде во центарот на вниманието во Ватикан, но и во целиот свет.
Што е папа и која е неговата улога, кој го избира, кој може да биде избран и кој може да стане поглавар на Римокатоличката црква се прашањата, на кои во неколку кратки пасуси се осврнува Би-би-си.
Што е папа?
Папата е поглавар на Римокатоличката црква. Припадниците на оваа црква веруваат дека тој ја претставува директната линија назад кон Исус Христос и се смета за жив наследник на Свети Петар, кој бил главниот меѓу првите Христови ученици, апостолите.
Тоа му дава целосна и непречена моќ над целата Католичка црква и го прави важен извор на авторитет за околу 1,4 милијарди католици во светот.
Додека многу католици често ја консултираат Библијата за водство, тие исто така можат да се обратат и кон учењата на папата, кои ги регулираат верувањата и практиките на Црквата.
Околу половина од сите христијани ширум светот се римокатолици. Другите деноминации, вклучувајќи ги протестантите и православните христијани, не го признаваат авторитетот на папата, како духовен водач.
Папата живее во Ватикан, најмалата независна држава во светот. Ватикан е всушност енклава во главниот град на Италина, Рим.
Папата не зема плата и негови патни и животни трошоци ги плаќа Ватикан.
Што се случува кога ќе папата ќе почине?
Папскиот погреб е организиран согласно вековни традици, проследени со голема помпа, но папата Франциск неодамна ги одобри плановите целата процедура да биде помалку сложена.
Претходните понтифи беа погребани во три ковчези направени од чемпрес, олово и даб. Папата Франциско се одлучи за едноставен дрвен ковчег обложен со цинк.
Тој, исто така, ја укина традицијата на поставување на телото на папата на подигната платформа, позната како катафал, во базиликата Свети Петар за јавно гледање.
Наместо тоа, ожалостените ќе бидат поканети да му оддадат почит додека неговото тело останува во ковчегот, со отстранет капак.

Папата Франциск исто така ќе биде првиот папа по повеќе од еден век што ќе биде погребан надвор од Ватикан.
Тој ќе биде погребан во базиликата Света Марија Маџоре, една од четирите главни папски базилики во Рим.
Базилика е црква на која Ватикан ѝ доделил посебно значење и привилегии. Главните базилики имаат посебна врска со папата.
Кој го избира новиот папа?
Новиот папа треба да биде избран од телото составено од највисоките претставници на Католичката црква, познат како Колеџот на кардинали.
Сите тие се назначени директно од папата и обично се ракополагаат за епископи.
Во моментов има 252 католички кардинали, од кои 138 имаат право да гласаат за новиот папа.
Останатите кои се на возраст над 80 години, не можат да учествуваат на изборите, иако можат да се вклучат во дебатата за тоа кој да биде избран.
Кој го избира папата и што е конклава?
Кога папата ќе умре (или ќе поднесе оставка, како во реткиот случај со папата Бенедикт Шеснаесетти во 2013 година), кардиналите се повикуваат на состанок во Ватикан, по што следи конклавата, како што се познати изборите.
Во периодот помеѓу смртта на папата и изборот на неговиот наследник, Колеџот на кардинали управува со црквата.
Изборот се одржува во строга тајност во Сикстинската капела, чиј фрескоживопис е изработен од славниот ренесансен уметник Микеланџело.

Кардиналите индивидуално гласаат за својот претпочитан кандидат додека не се утврди победникот, процес кој може да потрае неколку дена. Во претходните векови, гласањето траело со недели или месеци. Постојат сведоштва дека некои кардинали дури и починале за време на конклавата.
Единствената трага за тоа како течат изборите е чадот што се појавува два пати на ден од палењето на гласачките ливчиња на кардиналите. Црниот чад од оџакот на Сикстинската капела значи дека гласањето било неуспешно. Традиционалниот бел чад значи дека е избран новиот папа.
Како се обзнанува јавно дека е избран нов папа?
Откако ќе се издигне белиот чад, новиот папа традиционално се појавува во рок од еден час на балконот со поглед на плоштадот Свети Петар.
Вишиот кардинал кој учествува на конклавата ќе ја соопшти одлуката со зборовите „Habemus Papam“ што на латински значи „Имаме папа“.
Потоа тој ќе го претстави новиот папа со неговото папско име, што новиот поглавар на Римокатоличката црква самиот ќе го избере.
На пример, папата Франциск е роден како Хорхе Марио Бергољо, но тој избра поинакво име за неговото папство во чест на Свети Франциск од Асизи.
Кој може да стане папа?
Теоретски, секој римокатолик кој е крстен може да се смета за избор за папа.
Во пракса, сепак, кардиналите претпочитаат да изберат еден од нив, но да не постар од 80 години.
Кога папата Франциск роден во Аргентина беше избран на претходната конклава во 2013 година, тој стана првиот понтиф кој некогаш потекнува од Јужна Америка, регион во живеат приближно 28 проценти од католиците во светот.
Но, историскиот преседан сугерира дека е многу поверојатно кардиналите да изберат Европеец, особено Италијанец.
Од досега избраните 266 папи, 217 биле од Италија.