Претседателот на Собранието во пораката со сочувство, додава дека наследството што го остави упокоениот папа ќе остане водич за идните генерации на патот за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во свое лично и во име на македонскиот парламент изрази сочувство по повод упокојувањето на папата Франциск кое, вели, е длабока загуба за целото човештво.

Претседателот на законодавниот дом во пораката со сочувство наведува дека папата Франциск со своето опстојување на принципите на мирот и социјалната правда, станал симбол на посветноста на заедничкото добро.
„Како духовен лидер на нашето време, тој ги вгради принципите на мирот, социјалната правда и меѓурелигиозниот дијалог, станувајќи симбол на посветеноста кон заедничкото добро. Со својата едноставност, со безусловната љубов кон човекот и природата, папата Франциск допре до срцата на милиони луѓе низ целиот свет, надминувајќи верски, национални или идеолошки граници“,
вели Гаши.
Тој додава дека наследството што го остави упокоениот папа ќе остане водич за идните генерации на патот за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет.
„Во мое лично име и во име на Собранието на Република Северна Македонија, изразувам најискрени сочувства за оваа незаменлива загуба за католичкиот свет и за целото човештво. Нека биде вечен споменот за него!“,
се вели во пораката на претседателот на Собранието.
Папата Франциск почина утрово на 88-годишна возраст.
Тој беше првиот папа кој доаѓа од Латинска Америка, и првиот понтиф (првосвештеник) роден надвор од Европа по повеќе од илјада години.
За време неговиот понтификат тој своето внимание го фокусираше на сиромаштијата и нееднаквоста, критикувајќи ги околностите кои доведуваат до овие појави, а беше жесток поборник за заштита на животната средина, посочувајќи дека климатските промени се еден од главните предизвици со кои се соочува човештвото.
Голем број претседатели на држави, премиери и државници преку објави на социјалните мрежи денеска упатија последен поздрав и изразија сочувство и почит кон папата Франциск, истакнувајќи ја неговата скромност, посветеност и начелата по кои се водеше во изминатите 12 години, колку што беше на чело на Римокатоличката црква.