Од опозициската партија реагираат на, како што велат, катастрофалното раководење со културата од страна на министерот Љутков, кој оставил над 3 000 културни работници без плата додека најавува распродажба на културното наследство под концесија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку писмено соопштение побара оставка и одговорност од министерот за култура, Зоран Љутков, поради како што велат од партијата, хаосот што го направил во ресорот со кој раководи.

Реакцијата и барањата, наведени во три точки на СДСМ, како што велат оттаму се поради „срамните“ изјави на министерот за приватизација на културното наследство и неисплатените мартовски плати на работниците во културата.
„СДСМ бара: оставка и политичка одговорност од Љутков за хаосот што го направи во културата, повлекување на срамните изјави за приватизација на културното наследство и итна исплата на мартовската плата за сите културни работници. Културата и културното наследство не се трговска роба. Културата, не е зделка. Археологијата не е парцела. Оваа земја има народ што памети и што не заборава“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Оттаму реагираат на, како што велат, катастрофалното раководење со културата од страна на министерот Љутков, кој оставил над 3 000 културни работници без плата додека најавува распродажба на културното наследство под концесија.
„Ова е дното, ова е институционалната негрижа за културата, за културните работници и за нашето културно наследство. Сака ли ДПМНЕ македонските свети места да завршат во туѓи портфолија само за некој лично да профитира? Ова ли е новото нормално со разнебитување на културата?,
прашуваат од СДСМ.

Синдикатот на културата во петокот преку соопштение изрази незадоволство поради неисплатените мартовски плати и, како што наведоа оттаму, ненавременото усогласување со минималната плата согласно одредбите од Колективниот договор за култура и со Општиот колективен договор.
Оттаму за утре во 12 часот најавија протестен совет пред Министерството за култура.
Од Министерството за култура и туризам информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно Законот и Колективниот договор.
„Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии“,
се наведува во соопштението од Министерството за култура и туризам.