„Ги повикуваме жителите на градот веднаш да одат до најблиските засолништа и да останат таму додека не заврши тревогата“, соопштила воената администрација на Киев
Американскиот претседател, Доналд Трамп вчера изјави оти се надева дека двете страни оваа недела ќе постигнат договор за ставање крај на конфликот
Украина издаде предупредување за воздушен напад врз главниот град Киев, како и за источните делови од земјата, неколку часа откако заврши еднодневниот прекин на огнот за Велигден што го прогласи рускиот претседател, Владимир Путин, јавуваат светските медиуми.

Утрово, како што пренесува „Гардијан“, повикувајќи се на локалните власти, неколку експлозии одекнале во градот Миколаив.
Според изјавите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, што ги пренесува агенцијата ТАСС, прекинот на огнот Русија што еднострано го прогласи од денеска повеќе не е во сила.
Песков навел дека претседателот Путин не наредил негово продолжуавње, а засега нема најави ниту од руска, ниту од украинска страна.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски прекинот на огнот за Велигден на рускиот претседател претходно го оцени како пи-ар потег, тврдејќи дека руската војска продолжила со нападите со беспилотни летала и артилерија на повеќе делови од линијата на фронтот во текот на вчерашниот ден.
За потсетување, рускиот претседател во саботата нареди запирање на сите воени активности долж линијата на фонтот до недела на полноќ според московско време.
Неколку часа по полноќ во дел од регионите во источна Украина се огласиле звуците за тревога од воздушен напад, кои потоа, според податоците на украинските воздухопловни сили се прошириле и во централните региони на земјата и главниот град Киев.
„Ги повикуваме жителите на градот веднаш да одат до најблиските засолништа и да останат таму додека не заврши тревогата“, соопштила воената администрација на Киев во објава на социјалните мрежи во 4.41 часот по локално време.
Во меѓувреме експлозии одекнале во Миколаев, соопшти градоначалникот на овој украински пристанишен град, без прецизира дали станува збор за дејствување на системите за противвоздушна одбрана и за проектили кои го погодиле градот.
Со тврдења за напади на Днепропетровск излезе и гувернерот на овој регион, Серхиј Лисак.
„Руската армија лансираше беспилотни летала врз регинот“, напиша тој на Телеграм.
Според него, во нападите била оштетена зграда, а пожар избувнал во објект за храна. Но, како што пренесува „Гардијан“ нема информации за жртви или повредени.
Според последните изјави на украинскиот претседател, Зеленкси дадени денеска, во текот на вчерашниот ден, кога се празнуваше Велигден, не биле издадени предупредувања за воздушни напади врз Украина, но сепак војската на земајта пријавила речиси 3 000 прекршувања на примирјето што Москва самата го прогласи. Најтешки напади и гранатирања, според Зеленски биле забележани долж Покровскиот дел од линијата на фронтот.
Од друга, руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека украинските сили пукале на руските позиции 444 пати и изброиле повеќе од 900 напади на украински беспилотни летала, во кои имало загинати и повредени цивили. Од новинската агенција Ројтерс наведуваат наведуваат дека ваквите тврдења не можат да ги потврдат од независни извори.
Во меѓувреме, американскиот претседател, Доналд Трамп вчера изјави оти се надева дека двете страни оваа недела ќе постигнат договор за ставање крај на конфликот.
Во петокот, американскиот претседател и државнит секретар, Марко Рубио, се заканија дека САД ќе ги прекинат мировните преговори доколку нема јасни знаци за напредок во дијалогот.