Во февруари, Франциск, за кој грижата за мигрантите е белег на неговото папство, предупреди дека напорите на администрацијата на Трамп за масовно депортирање и другите политики за сузбивање на имиграцијата, предизвикуваат „голема криза“ која „го нарушува достоинството на мажите и жените“
Американскиот попретседател Џеј-Ди Венс денеска, на Велигден оствари неколку минутна средба со папата Франциск, пренесува „Гардијан“.
Папата, иако се опоравува од пневмонија, го прими Венс во една од собите за прием во Ватикан.

Му подари три големи чоколадни велигденски јајца за неговите три деца, како и бројаници.
Инаку, американскиот потпретседател и папата Франциск имаа несогласувања околу плановите на администрацијата на Трамп за депортација на мигранти.
Во соопштението од Ватикан се наведува дека папата одржал кратка приватна средба со Венс, која била во траење од неколку минути, со цел да разменат добри желби за Велигден.
„Знам дека не се чувствувавте добро, но се радувам што ве видов во подобро здравје“,
му рече Венс на папата.
Венс се сретна и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин и неговиот министер за надворешни работи, надбискупот Пол Галагер.
Канцеларијата на Венс соопшти дека тој и Паролин „разговарале за нивната заедничка религиозна вера, католицизмот во Соединетите држави, маките на прогонетите христијански заедници ширум светот и посветеноста на претседателот Трамп за враќање на мирот во светот“.
Ватикан, пак, соопшти дека имало „размена на мислења“, вклучително и за мигрантите, бегалците и конфликтите.
Инаку, мислењата на Венс и водачот на 1,4 милијарди римокатолици во светот остро се разликуваат кога станува збор за прашањето за миграцијата.
Во февруари, Франциск, кој грижата за мигрантите ја направи белег на неговото папство, предупреди дека напорите на администрацијата на Трамп за масовно депортирање и другите политики за сузбивање на имиграцијата, предизвикуваат „голема криза“ која „го нарушува достоинството на мажите и жените“.
Венс тогаш ја прифати критиката на папата, но рече дека ќе продолжи да ги брани своите ставови.
Инаку, тој ја прифати католичката вера во 2019 година.
Автомобилот на Венс влезе во Ватикан преку споредна порта додека траеше Велигденската миса на плоштадот „Свети Петар“.
Папата оваа година делегираше кардинал да ја води празничната миса.