Според него, Украина е подготвена да се придвижи кон целосен, безусловен и чесен прекин на огнот што би можел да трае најмалку 30 дена, но додаде дека за тоа се чека одговор од Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека најавите на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот за време на велигденските празници, испаднале празни.

Тој на својот фејсбук-профил напиша дека на Велигден се регистрирани вкупно 46 руски напади на различно деелови од бојното поле, како и 901 случај на гранатирање, од кои 448 биле извршени со тешкo оружје.
Во објавата го сподели најновиот извештај на врховниот командант Олександар Сирски, посочувајќи дека руските сили при нападите се повеќе користат тешко оружје.
„Највисоко ниво на руска борбена активност овој Велигден е во насока Покровск. Зборовите на Путин за прекин на огнот се покажаа како празни во регионот Курск, правецот Сиверск и други насоки во регионот на Доњецк“,
напиша Зеленски.
Во извештајот се наведува и дека се документирани повеќе од 400 случаи на употреба на беспилотни летала од руска страна.
„Во правец на Торецк, нашите војници, за жал паднаа во руска заседа. Некои војници се убиени. Украинската армија дејствува и ќе продолжи да дејствува на целосно симетричен начин. Овој Велигден јасно покажа дека единствениот извор на оваа војна и причината што се одолговлекува е Русија“,
вели тој.
Според него, Украина е подготвена да се придвижи кон целосен, безусловен и чесен прекин на огнот што би можел да трае најмалку 30 дена, но додаде дека за тоа се чека одговор од Русија.
„Ситуацијата на фронтот покажува дека е потребен притисок врз Москва и вистински надзор над дејствијата на окупаторските сили за да се воспостави прекин на огнот“,
посочи украинскиот претседател.
Уште утрово Зеленски објави дека Русија не го почитува велигденското примирје, посочувајќи дека во текот на ноќта биле извршени неколку напади од страна на руската армија.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин најави велигденско примирје и прекин на огнот со Украина за време на празникот.
„Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот (по московско време) до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период. Очекувам и другата страна да го следи примерот,“
рече тој.
Во првичната реакција, Зеленски потегот го оцени како нова манипулација на Москва.