На велигденското утро можеме да констатираме дека руската армија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области продолжува со изолираните обиди за напредување и нанесување загуби на Украина, вели Зеленски
Русија не го почитува велигденското примирје, обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој на социјалните мрежи соопшти дека во текот на ноќта биле извршени неколку напади од страна на руската армија.
„На велигденското утро можеме да констатираме дека руската армија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области продолжува со изолираните обиди за напредување и нанесување загуби на Украина. Русија мора целосно да ги почитува условите на прекинот на огнот“,
вели Зеленски.
Во областа Курск, како што објави Зеленски, руските сили извршиле артилериски напади и користеле беспилотни летала.
„Секаде нашите борци одговараат како што заслужува непријателот, врз основа на специфичната борбена ситуација. Украина ќе продолжи да дејствува реципрочно“,
додаде Зеленски.

Фото: Принтскрин
Зеленски во посебна објава на сите христијани им го честита Велигден, наведувајќи дека „злото може да има свој час, но Господ ќе има свој ден“ и дека порано или подоцна злото ќе се повлече и животот ќе победи.
Вчера рускиот претседател Владимир Путин најави велигденско примирје и прекин на огнот со Украина за време на празникот.
„Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот (по московско време) до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период. Очекувам и другата страна да го следи примерот“,
соопшти Путин.
Зеленски возврати дека се сомнева во искрените намери од Москва и порача дека наместо 30 часа, примирјето треба да трае 30 дена за да се даде вистинска шанса на мирот.
„Ако Русија сега одеднаш е подготвена вистински да се вклучи во формат на целосна и безусловна тишина, Украина ќе постапи соодветно – пресликувајќи ги постапките на Русија. Молк како одговор на молкот, одбранбени удари како одговор на нападите,“
порача Зеленски.