„До кога планирате да ја одолговлекувате истрагата? Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца? Ги пуштивте бидејќи сте корумпирани. Да го дочекаат празникот со нивните семејства. А знаете ли каде ние ќе го дочекаме празникот? Не знаете? Еве ќе ви кажеме. Доручек, ручек, вечера на гробишта. Дали нашите ангели го заслужија тоа?“ порачаа родителите на протестот
Револтирани од текот и начинот на кој се води истрагата, семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ на денешниот протест во Кочани побараа одговори од институциите – зошто се спроведува селективна правда и зошто дел од осомничените се пуштени од притвор.
„До кога планирате да ја одолговлекувате истрагата? Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца? Ги пуштивте бидејќи сте корумпирани. Да го дочекаат празникот со нивните семејства. А знаете ли каде ние ќе го дочекаме празникот? Не знаете? Еве ќе ви кажеме. Доручек, ручек, вечера на гробишта. Дали нашите ангели го заслужија тоа?“
порача мајката на диџејот кој загина во „Пулс“.

На маршот под мотото „Задоцнета реакција“ родителите носеа фотографии од загинатите деца и транспаренти на кои пишување „Стоп за селективна правда“, „Корумпираниот систем ни ги уби децата“.
Во емотивни пораки тие на протестот споделија детали за своите деца кои се школувале, студирале и имале различни професии.
„Ова е диџејот кој загина во „Пулс“. Ова е фудбалерот. Ова е идниот инспектор, што не дочека да биде. Ова е програмерот. Ова е берберот што чесно си го заработуваше лебот и што остана без татко пред две години, детето што беше хумано и помагаше. Сите си имаа занает и ги воспитувавме добро. Ова е детето што се обидуваше да го изгаси пожарот. Сите беа деца со душа“,
порачаа родителите на протестот.

Маршот почна од Паркот на револуцијата, а потоа насобраните се движеа кон Трговскиот центар, зградите на Општината, полицијата и завршија пред зградата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани.
Пред Општина Кочани, родителите порачаа дека од денес ќе ја следат работата на инспекторите, а на протестот пред општинската зграда се појави и новоизбраниот в.д. градоначалник Венко Крстевски, кој им вети дека ќе им помогне во битката за правда.
„Правда мора да има, одговорност мора да има. Општината е осакатена но ќе ја издигнеме. Тука сме во ваша служба. Системот генерира несреќи 30 години, но ние мора да го смениме системот“,
рече Крстевски.

Ова е трет протестен марш што се одржува во организација на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Тие најавија дека ќе продолжат да протестираат и да бараат правда за своите деца.