За барањата за одложување на мерката од страна на аптеките, најави средба со нив за следната недела
Нема одложување на мерката со која трговците се обврзани на веб-страниците да ги објавуваат цените на производите. Контролите поинтензивно ќе се спроведуваат по Велигден. Ова денеска го изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески коментирајќи ја обврската од измените на Законот за заштита на потрошувачи со која на трговците што имаат над 10 вработени им се наложува секојдневно да ги објавуваат продажните цени на веб-страниците на маркетите.
„Како што почна мерката вчера да се применува, така и пазарниот инспекторат има вонредни контроли. Засилени контроли ќе има по велигденските празници. Казните за оние што нема да ја почитуваат оваа транспарентност преку нивните веб-страници се движи од 500 до 10 илјади евра“,
рече тој.
Посочи оти очекува сите трговци да ја почитуваат мерката, без никакво одложување.
„Очекуваме сите трговци на мало да ја почитуваат мерката. Имаше период од 45 дена за приспособување. Мислам дека тој период е доволен. Голем дел од маркетите имаат свои веб-страници, на кои требаше само да воведат ценовници и она што го предвидува Законот“,
посочи Ристески.
За барањата за одложување на мерката од страна на аптеките, најави средба со нив за следната недела.
„Можеби следната недела ќе имаме со некои од здруженијата на аптеки“,
додаде тој.
Оваа мерка, како што посочи, е во интерес на заштитата на стандардот на граѓаните, односно дека преку транспарентно објавување на цените, тие ќе можат сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена.
Во објавените цени треба да е наведен називот на производ, продажната цена со ДДВ, единечната цена по килограм, литар, метар, да има негов опис, достапноста во продажниот објект и редовната цена со ДДВ.
Исто така, треба да е наведена и промотивната или попусна цена која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот.