Апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, особено оние што се однесуваат на максимално дозволена брзина
Огромна неприспособена брзина е причина за синоќешната сообраќајка што се случи на патот Кичево-Гостивар, во која загинаа три лица, а осум се повредени, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од Охрид.
„За жал, во синоќешната сообраќајка животот го загубија три лица. Согласно првичните информации што ги добив, станува збор за огромна неприспособена брзина од страна на еден од учесниците, кој, за жал, е починат“,
рече министерот одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета на Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид.

Според него, бројот на сообраќајни жртви во првото тримесечје од оваа година е отприлика сличен како бројот од минатата година.
„Морам да кажам дека овие бројки се катастрофални компарирано со европските стандарди. Во иднина максимално мораме да се фокусираме на што е можно поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и имплементирање на проектот ‘Безбеден град‘ на целата територија на државата“,
кажа тој.
Посочи дека минатата недела на ЕНЕР се ставени дел од потребните закони поврзани со имплементација на проектот „Безбеден град“.
Апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, особено оние што се однесуваат на максимално дозволена брзина.
„Во случаи кога имаме управување на моторно возило со брзина над 70 километри на час и имаме челни удари, како оној што се случи вчера, процентот на преживеани патници е речиси нула“,
вели Тошковски.
Од Обвинителството денеска информираа дека ги истражуваат причините за сообраќајката, издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол и други супстанции кај повредените. Од местото на несреќата, како што посочија, се подигнати траги што ќе бидат предмет на вештачење
Од МВР вчеравечер информираа дека во 20:55 часот се случила сообраќајна незгода на патот Кичево-Гостивар, помеѓу Кичево и селото Трапчин Дол, во која учествувале три возила.