Апелираат Обвинителството веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата, оти кариерите на политичарите не смеат да се градат врз туѓа трагедија
Истрагата за пожарот во Кочани станува уникатен пример за правна импровизација, воден не од закон, туку од желба за аплауз, велат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ) коментирајќи ја последната прес-конференција на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во која, како што посочија, тој се повикува на меѓународните примери, како Романија, Бразил и САД, со цел да ја оправда својата одлука да воведе долгорочна каузалност и да отвори обвиненија против луѓе што немале допирна точка во последните 15 години со оваа трагедија.

„Но, вистината што медиумите ја открија е сосема спротивна, во сите три случаи одговорноста ја сносеа само директно инволвираните, најчесто од три до пет лица, без да се отвораат процеси против поранешни функционери, без обиди за историски ревизии на вина“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Оттаму додаваат и дека наместо да ја води низ призмата на правдата, Обвинителството ја поставува низ призмата на популизмот и спасување на Владата.
„Целата академска и правна фела гласно алармира дека овој пристап е антиуставен, спротивен на праксата и антипрофесионален. Тој не произлегува од правната наука, туку од политички договор со извршната власт“,
пишуваат од ДУИ.
Апелираат Обвинителството веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата, оти кариерите на политичарите не смеат да се градат врз туѓа трагедија.
„Одговорноста за ваквиот пристап и за се што може да се случи со неправедно притворените, ќе падне на конкретни имиња“,
кажуваат од партијата.
Од оваа партија изминатиот период реагираат за начинот на кој се води истрагата за Кочани.
Изнесоа и наводи дека еден јавен обвинител што бил дел од предметот се повлекол поради несогласувањата околу квалификацијата на делото трпејќи политички притисоци од страна на партии во Владата, за што подоцна беа демантирани од Обвинителството.
Јавното обвинителство останува на стратегијата да бара не само директна, туку и индиректна одговорност за настанот кој се случи на 16 април 2025 година, одејќи наназад до 2012 година во потрага по дејствија кои може да се поврзат со штетната последица.
Таквиот пристап досега резултира со голем број осомничени (59 лица и три фирми) и потенцијал случајот да се претвори во мегапредмет.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.