Захариев вели дека речиси 90 проценти од целата процедура е завршена, оти имаат пуштено барање до Управниот одбор на Фондот за здравство и чекаат одобрување на потребните финансиски средства

Штипската модуларна болница, која е празна и стои неискористена, ќе се пренамени во амбуланти за специјалистички прегледи преку „Мој термин“.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев, вели дека постапката за преадаптација е речиси на самиот крај.
Тој вели дека планот е во првата фаза да се префрлат амбулантите од применото одделение, а потоа и другите специјалистички амбуланти.
„Наша цел е да се направи реконструкција и преадаптација за прегледи преку ‘Мој термин’. Речиси 90 проценти од целата процедура е завршена, имаме пуштено барање до Управниот одбор на Фондот за здравство и чекаме одобрување на потребните финансиски средства. Во план ни е процедурата да започне и да се заврши што е можно поскоро“,
вели Захариев, пишува МИА.
Захариев вели дека и просторот околу модуларната болница ќе биде уреден, а ќе се изгради и паркинг и пристап до самиот објект.
Според анализите на Клиничката болница-Штип, лани низ сите амбуланти се прегледани над 150 000 пациенти, а најголема гужва има на Ортопедија и на Хирургија.
„Ортопедија, Хирургија, Интерна медицина, Неврологија, Кардиологија, е најголемата гужва. Само до септември 2024 година на Ортопедија имало над 24 000 прегледи. Тоа се должи на големата заложба на овие доктори, а ги има само четворица“,
вели Захариев.
Министерот за здравство Арбен Таравари во септември минатата година рече дека наместо да се фрлаат, модуларните болници можат да се искористат и за други намени во јавните институции.
Според него, откако ќе се види во каква состојба се модуларните болници, некои од нив повторно да се стават во функција, таму каде што е потребно.
Модуларните болници се градеа за време на ковид-пандемијата, како дополнителни објекти за сместување на ковид-пациентите. Тогаш 16 града добија модуларни болници, кои беа поставени во рамките на постоечките здравствени објекти.