Денеска и утре се очекува да се вратат двајца пациенти што се лекуваат во странство, едниот од Солун и другиот од Ниш

Двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани, кои се лекуваат во странство, се во релативно тешка здравствена состојба, вели заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Тој вели дека моментално во странство се лекуваат 45 повредени.
Денеска, како што рече Андовски, се очекува еден пациент од Солун да се врати во земјава и тој лекувањето ќе го продолжи на Клиниката за пластична хирургија, каде е хоспитализирана уште една пациентка.
За утре, пак, се очекува да се врати пациент од Ниш и тој ќе биде сместен во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Во оваа болница, рече Андовски, се лекуваат уште двајца пациенти кои во текот на викендот ќе бидат пуштени дома, а потоа ќе се вратат.
Во Скопје, во приватна болница Андовски рече дека се лекуваат уште две лица.
Денеска од Министерството за здравство информираа дека 24-годишниот Стојанче Стефанов е 62. жртва од пожарот во Кочани, кој починал на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.
Пациентот бил во критична состојба уште од почетокот, а на лекување во Белград бил испратен на 16 март.