Пациентот, како што информираат докторите, имал 27 отсто изгореници и повреди од вдишување чад
Дваесет и четиригодишниот Стојанче Стефанов е 62. жртва од пожарот во Кочани, информираат денеска од Министерството за здравство (МЗ).
Тој се лекуваше на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, од каде што информираат дека денеска претпладне им подлегнал на повредите.

Пациентот бил во критична состојба уште од почетокот, а на лекување во Белград бил испратен на 16 март.
„Пациентот од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови веднаш е испратен на лекување во ВМА во Белград. Беше интубиран и изминатиот месец се наоѓаше во критична состојба“,
се вели во соопштението од МЗ.
Пациентот, како што информираат докторите, имал 27 отсто изгореници и повреди од вдишување чад.
„Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, поради вдишаниот чад. Заради сериозноста на повредите, поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба“,
информираат здравствените власти.
Бројот на жртви од пожарот во Кочани од 59 се зголеми на 60 откако на 4 април почина Александар Карадаковски, управителот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој се лекуваше во Литванија.
На 7 април почина дваесет и деветгодишниот Александар Гавриловски, кој е 61. жртва од пожарот во Кочани. И тој се лекуваше во Литванија.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.