„Сите учесници во сообраќајот имаат право на безбедно движење, но и обврска да придонесат за тоа“, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата
Покрај честитка по повод претстојните велигденски празници, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува и апел до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни за време на празниците.

За време на празникот, велат оттаму, се очекува зголемен интензитет на сообраќајот и затоа потсетуваат дека безбедноста на сообраќајот на патиштата е заедничка одговорност на сите нас и дека само со совесно и одговорно однесување можеме да го зачуваме секој живот.
Апелот на РСБСП е упатен до сите учесници во сообраќајот – возачи, патници, велосипедисти и пешаци, а посебни препораки имаат до возачите:
- Почитувајте ги ограничувањата на БРЗИНАТА на движење и пропишаната сообраќајна сигнализација;
- Не управувајте возило под дејство на алкохол и замор;
- Приспособете ја брзината на движење спрема условите и состојбата на патот;
- Користете сигурносен појас;
- Не користете мобилен телефон за време на управување со возилото.
„Сите учесници во сообраќајот имаат право на безбедно движење, но и обврска да придонесат за тоа. Велигден е празник на нови почетоци, за љубов и радост во семејството, не дозволувајте една непромислена одлука да ги засени овие вредности“,
порачуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.