Меѓу повредените, како што пренесе ХРТ, има и три деца, од кои едно девојче на возраст од само девет месеци и две момчиња на возраст од шест и 11 години. Според Борис Филатов, градоначалникот на Днипро, руските беспилотни летала го гаѓале и градското собрание, но засега нема информации за предизвикани штети
Русија синоќа изврши нов масовен напад со дронови врз градот Днипро, на југоистокот на Украина, во кој според првичните извештаи загинале најмалку две лица, јавуваат светските медиуми.

Гувернерот на регионот Днепропетровск, Серхиј Лисак, извести дека во нападот загинале две жени, а според она што досега е познато, повредени се 16 лица.
Меѓу повредените, како што пренесе ХРТ, има и три деца, од кои едно девојче на возраст од само девет месеци и две момчиња на возраст од шест и 11 години.
Пет лица во моментот се пренесени на болничко лекување.
Лисак, додаде дека во нападите се предизвикани и неколку големи пожари кои оштетиле приватни куќи и згради, како и една образовна институција.
Според Борис Филатов, градоначалникот на Днипро, руските беспилотнио летала го гаѓале и градското собрание, но засега нема информации за предизвикани штети.
Претходната вечер, цел на руски напади повторно беше пристанишниот украински град Одеса. За време на нападот беа повредени три лица, а локалните власти известија за повеќе пожари и оштетувања на куќи и цивилна инфраструктура.
Руските сили изминатиот период ги засилија нападите со дронови врз повеќе украински градови и региони, додека во меѓувреме се одвиваат разговори иницирани од администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина.
Еден од најсмртоносните напади се случи во неделата (13 април) на градот Суми, во кој беа убиени 35 лица, од кои повеќето цивили, а речиси 200 се повредени.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во вторникот за време на ненајавена посета на Одеса се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и упати порака дека поддршката на НАТО останува непоколеблива и дека Алијансата ќе продолжи да ѝ помага на Украина да се брани и да одврати идна агресија.
Од друга страна, светските медиуми вчера јавија дека американскиот претседател, Доналд Трамп ја одбил понудата на украинскиот претседател за купување дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Предлогот на Зеленски бил со помош на европски фондови и замрзнати руски средства, да купи стотици ракети „Патриот“ од Соединетите Држави за голема сума – по цена од 5,5 милиони евра по парче.
Пред четири дена, тој рече дека за ова може да се издвојат вкупно 50 милијарди долари (44 милијарди евра).