„МВР во целост ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите за наводно нарушување на вчерашната акција од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. МВР при вчерашната акција постапуваше по насоки на Јавното обвинителство“, се вели во одговорот од Министерството на нашето прашање во врска со пишувањата на дел од порталите
Министерството за внатрешни работи (МВР) ги негира и ги оценува како дезинформации објавите на дел од порталите дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ја нарушил вчерашната акција за приведување на уште седум полициски службеници во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

Имено, неколку портали утрово објавија вест со наслови во прашална форма – дали Коцевски ја компромитирал акцијата на МВР за апсење на седум полицајци.
Повикувајќи се на свои извори, дел од порталите пишуваат дека додека траела акцијата на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за апсење на полициските службеници, државниот јавен обвинител со споделувањето на оваа информацијата во телевизиско гостување можел да ја компромитира бидејќи ваквата информација споделена јавно би била аларм за полицајците кои треба да се приведат.
Дополнително, порталите наведуваат и дека Министерството за внатрешни работи сè уште трага по еден од седумте полициските службеници. Во објавите се наведува дека и дека полицаецот што сè уште бара е од Штип.
На прашање на „360 степени“ во врска со ваквите наводи, од МВР ги демантираат објавените информации додавајќи дека тие вчера постапувале по насоки на Јавното обвинителство.
„МВР во целост ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите за наводно нарушување на вчерашната акција од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. МВР при вчерашната акција постапуваше по насоки на Јавното обвинителство“,
се вели во одговорот од Министерството на нашето прашање.
За потсетување, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во синоќешното интервју на ТВ Телма, соопшти дека само што добил известување дека јавен обвинител издал наредба за приведување на уште седум полициски службеници во врска со истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 61 лице, а речиси 200 се повредени.
„Во овој момент ми јавуваат дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и во моментов истите ќе бидат приведени, со тоа што утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа пред судија на претходна постапка. Што значи дека истрагата во моментов се проширува за уште седум полициски службеници“,
рече Коцевски додека одговараше на прашање во првите неколку минути од интервјуто.
Тој соопшти и дека полициските службеници во текот на денешниот ќе бидат изведени пред јавен обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка.
Одговарајќи на дополнително прашање, државниот јавен обвинител не можеше да каже дали станува збор за актуелни полициски службеници и дали тие се на некоја функција, но кажа дека постапката е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Во врска со проширувањето на истрагата за кочанската трагедија со уште седум полициски службеници синоќа се огласија и од ОЈО ГОКК од каде што повеќе детали најавија за денеска.
Инаку, три дена по трагедијата во Кочани, односно на 19 март, беа приведени и им беше одреден 30-дневен притвор на седуммина поранешни високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип и од Полициската станица од општа надлежност (ПСОН) Кочани.
Викендов истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани беше проширена за уште 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Во рамки на истрагата во саботата беа приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Во истрагата досега се опфатени 52 лица и три фирми.