Од опозициската партија го повикуваат премиерот јавно да се извини пред Албанците и да даде, како што велат, отчет пред јавноста за тоа дали тоа е неговата визија за иднината на земјата
Опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска обвини дека во делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски што е во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) нема ниту еден претставник од партиите на Албанците во Владата.

Оттаму ја осудуваат, како што велат, ваквата одлука на премиерот и Владата која според нив претставува уште едно во низата понижувања и демонстрација на потценување кон коалициските партнери, а особено кон Албанците во земјава.
„Со оваа одлука, Владата јасно покажува дека партиите на Албанците што одлучија да бидат дел од овој владин состав се сосема ирелевантни. Дека се неми статисти, без тежина, без глас, без право на учество во носењето на државните политики. Оваа делегација не беше туристичка, туку државна – со директни импликации врз економските и политичките односи на нашата земја. Оттука, отсуството на претставници на партиите на Албанците испраќа порака дека Албанците не се фактор кога се гради иднината на државата“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Владата, велат од партијата на Али Ахмети, на тој начин создава две категории граѓани – едни што се носители на државата и другите кои, како што обвинуваат од ДУИ, се третираат како гости во сопствениот дом.
„Ги игнорираат нашите експерти, нашиот бизнис-сектор, нашата дијаспора и нашиот придонес во државата. ДУИ, како партија која со децении се борела за рамноправност, учество и достоинство на Албанците, не може и нема да молчи. Ваквите постапки се уште една потврда дека Владата не ја сфаќа и не ја почитува суштината на мултиетничкиот карактер на државата. Наместо рамноправност – добиваме игнорирање. Наместо партнерство – добиваме понижување“,
велат од ДУИ.
Од опозициската партија го повикуваат премиерот јавно да се извини пред Албанците и да даде, како што велат, отчет пред јавноста за тоа дали тоа е неговата визија за иднината на земјата.
Дополнително од ДУИ упатуваат повик и до партиите на Албанците во Владата да размислат дали со своето молчење стануваат соучесници во дискриминацијата за која обвинуваат од опозициската партија.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, мината недела во интервју за „360 степени“ го обвини премиерот Христијан Мицкоски, но и лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека поддржани од олигархијата, сакаат да го преобликуваат политичкиот модел на земјава од мултиетнички во моноетнички.
Инаку, во делегацијата со која премиерот Мицкоски од понеделник е во Обединетите Арапски Емирати се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Влада Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.