Таравари на прес-конференцијата по состанокот на Централното претседателство на партијата, рече дека не излегуваат од коалицијата ВЛЕН, а според него вечерашната одлука не е причина ниту да ја напуштат Владата бидејќи, како што кажа, во Владата има повеќе партии и Алијанса за Албанците е една од нив
Во врска со кандидати за градоначалници, тој изјави дека за тоа сè уште не е донесена одлука
Алијанса за Албанците на министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН на локалните избори ќе оди со свои советнички листи.

Ваков заклучок донело Централното претседателство на партијата, кое вечерва заседаваше во Тетово, откако во јавноста на виделина излегоа несогласувањата меѓу Таравари и останатите лидери во коалицијата околу настапот на претстојните локални избори.
Одлуката од состанокот на прес-конференција ја соопшти лидерот на партијата, Таравари кој кажа дека на него било покажано невидено единство во Алијанса за Албанците, „како никогаш порано“ и дека од почетокот на мај почнуваат со работа на терен.
„Алијанса за Албанците дефинитивно во сите општини ќе излезе со сопствена листа за советници, мислам на општините каде што се натпреваруваат Албанците, во западниот дел од државата и Алијанса за Албанците од почетокот на мај почнува на терен да ги формира своите штабови и да комуницира со политичкиот актив“,
кажа Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање околу натамошната партиципација во коалицијата ВЛЕН, Таравари рече дека не излегуваат од ВЛЕН.
„Ние излегуваме со наши листи, ова е нашиот заклучок. Ние мора да излеземе со наши советнички листи, така одлучивме, а за соработка ние сме и така во ВЛЕН, нема што да излегуваме од ВЛЕН“,
кажа тој.
Во врска со кандидати за градоначалници, Таравари изјави дека за тоа сè уште не е донесена одлука. Повтори дека ти во рамките на коалицијата предложиле кандидатите за градоначалници да бидат избрани преку сондажи и анкети, но оти ваквиот нивен предлог наишол на негативен одговор.
„Ние во ВЛЕН побаравме алатка да биде сондажа или анкета, да ги избереме најдобрите. Тоа беше одбиено, што не е прифатливо за нас, четворица луѓе да седнат и да одлучат ти ја земаш таа општина, јас таа општина. Локалните избори се малку поинакви. Се бара тој што има поддршка без разлика од која партија е, некаде можеби кандидатот треба да биде и непартиски. Така што за нас дефинитивно е дека одиме со листи, а за кандидатите ќе видиме“,
изјави Таравари.
Прашан дали овој потег на Алијанса за Албанците може да ги измести внатрешните односи во ВЛЕН, тој рече дека овој нивен став е од јули лани и дека во изминатиот период цело време инсистирале да одат со посебна листа.
Во врска со неодамнешната изјава на градоначалникот на Тетово и лидерот на Беса, Билал Касами кој е дел од ВЛЕН дека тој што ќе се одвои од групата ќе го јаде волкот Таравари повтори дека Алијанса за Албанците е сè уште дел од ВЛЕН, а ако останатите во коалицијата одлучат да ги исклучат, ќе одговорат со своја одлука што понатаму.
Околу можно излегување од Владата, Таравари рече дека не планираат такво нешто, бидејќи, како што кажа, во Владата има повеќе партии и една од нив е Алијанса за Албанците.
„Така што не гледам дека ова би било причина за излегување од Владата“,
додаде тој.

Околу можноста за соработка и соединување со крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села, Таварари одговори дека „оваа куќа е отворена и голема“ и дека сите се добредојдени.
„Знаете Исен Шабани (градоначалникот на општина Врапчиште) дојде пред 10 дена, многу активисти кои што биле од Алијанса се дојдени, многу коишто апстинирале три-четири години се враќаат, куќата е голема и добредојдени се сите“,
рече тој.
Прашан во врска со нападите кои дојдоа од коалициските партнери во ВЛЕН Изет Меџити (Демократско движење) и од Билал Касами и за тоа што довело до таков раздор меѓу нив тројца, Таравари одговори дека од неговата партија досега не кажале ништо лошо за другите во коалицијата и дека ќе продолжат да бидат конструктивни.
„Ние како партија, сите членови, повеќето да речам, не сме кажале ништо лошо за нив и ние така размислуваме политички. Секогаш треба да се оставаат врати за комуникација со сите. Меѓутоа од другата страна не беше баш така. Бевме нападнати грубо , знаете со нула, еден, волкот, јагнето итн. Така што ние ќе продолжиме да бидеме конструктивни, да ги слушаме, да оставаме секогаш простор за соработка и ако може продолжување на соработката, меѓутоа ова се наши ставови за кои имаме дефинитивна одлука и нема враќање назад“,
рече Таравари.
Дека има несогласувања во ВЛЕН, Таравари откри во интервју за „360 степени“ емитувано на 31 март. Во него тој говореше и упати критики за начинот на кој ВЛЕН функционира во Владата, оценувајќи го за „тромо“ и со „многу недостатоци”. Изнесе детали за тоа што било разговарано во коалицијата околу настапот на претстојните локални избори и за неговиот став околу ова прашање.