Венс постојано ги критикува европските лидери. Тој во февруари во Минхен рече дека европските лидери не се борат доволно силно против имиграцијата и дека слободата на говорот е загрозена во Европа

Европа е наш сојузник, но не може да биде постојан вазал на САД во однос на безбедноста и трговијата, изјави денеска американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во интервју за британската веб-страница „Унхерд“.
„Ја сметаме Европа за наш сојузник. Едноставно сакаме сојуз во кој Европејците се малку понезависни, а тоа ќе се одрази во нашите безбедносни и трговски односи. Не е добро за Европа и не е во интерес на Америка Европа да биде постојан вазал на САД во однос на безбедноста“,
рече Венс, кој постојано ги напаѓа европските лидери.
Откако се врати во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Европејците да трошат повеќе за сопствената одбрана и остро ја критикуваше Европската Унија, обвинувајќи ја дека води неправедна трговска политика кон САД. Венс, исто така, постојано ги критикува европските лидери. Тој во февруари, во Минхен, рече дека европските лидери не се борат доволно силно против имиграцијата и дека слободата на говорот е загрозена во Европа.
„Реалноста е – брутално е да се каже, но вистина е – дека целата европска безбедносна инфраструктура е субвенционирана од САД откако сум роден“,
истакна Венс во интервјуто за британската веб-страница.
Тој додаде дека со исклучок на Франција, Велика Британија и Полска, повеќето европски земји немаат армии способни да гарантираат разумна одбрана.
Осврнувајќи се на преговорите меѓу Лондон и Вашингтон за склучување билатерален економски договор, Венс рече дека тие имаат добри шанси да резултираат со одличен договор што ќе биде во најдобар интерес на двете земји.