На вработената во Одделението за управни работи при СВР Куманово ѝ е изречена мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка
Вработена во Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово како референт во Одделението за управни работи од 11.01.2024 до 19.12.2024 година примала барања и документи за регистрација на возила, издавала регистарски таблички без да изврши наплата, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) посочувајќи дека со ова кривично дело е нанесена штета од 417 500 денари или речиси седум илјади евра.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М.П. за кривично дело неосновано работење во службата, по член 353-в став 1 од Кривичниот закони“,
се вели во соопштението од МВР за овој случај.
Вработената, како што велат од полицијата, иако била свесна и знаела дека не се исполнети законски пропишаните предуслови, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности, без претходно да ја запази процедурата за регистрација на возила, со што нанела штета на буџетот на МВР од 417 500 денари или речиси седум илјади евра.
Против вработената во СВР Куманово е поднесен и предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина.
На вработената и е изречена мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.