Според СДСМ, Тошковски бара виновници од 2012 година, но, како што додаваат, никако не сака да ги види одговорните што му се пред носот

Паничните објави на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Фејсбук само ја потврдуваат неговата одговорност за Кочани, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако денеска министерот Тошковски на својот фејсбук-профил објави статус во кој вели „СДСМ не треба да зборува за селективност и неправда бидејќи за време на седумгодишниот мандат на оваа партија се случија три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе“.
„Паничните објави, во кои Тошковски ѝ држи лекции на опозицијата да не го критикува, се ништо друго туку доказ за одговорноста што тој и неговите началници ја имаат за Кочани. Тошковски многу добро знае дека, покрај моралната, постои и кривична одговорност кај неговите началници против кои не се водат постапки. Добро знае дека има одговорност и кај низа други актуелни функционери против кои, исто така, воопшто не се водат постапки“,
пишува во реакцијата од СДСМ.
Според СДСМ, Тошковски бара виновници од 2012 година, но, како што додаваат, никако не сака да ги види одговорните што му се пред носот.
Правда за Кочани, додаваат од СДСМ, нема да има ако оние што вечерта можеле да ја спречат трагедијата, а не го направиле тоа, не одговараат.
„Патетични се изјавите на Тошковски кој прашува каде биле Артан Груби и Перпарим Бајрами. Па токму тој ги пушти да избегаат. До кога ќе глуми опозиција? Откако е на власт повеќе од една година, Тошковски има само скандали – со избегани терористи и челници на ДУИ“,
велат од опозициската СДСМ.
Според нив, Тошковски имал шанса да биде херој, да го смени системот со тоа што ќе обезбедел неселективна правда. Но, наместо тоа, велат од СДСМ, реши да биде трагичар и да долее сол на раната на луѓето и семејствата од Кочани.
„Бркање вештерки од минатото и селективна истрага не е правда за Кочани. Со ова, Тошковски докажа дека тој е системот против кој се борат граѓаните“,
додаваат од СДСМ во денешното соопштение.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на својот фејсбук-профил реагира на, како што вели, сè поочигледната алијанса и координирани напади од ДУИ, СДСМ и Левица кон него.
Според него, ДУИ е партија која заедно со СДСМ создале заробена држава со систем во кој криминалот не бил исклучок, туку правило.
Тој порача дека правдата почнала да тропа на вратата на секој оној кој мислел дека таа никогаш нема да го посети.