Двајцата кинески државјани изјавија дека биле заробени на 8 април, веднаш по пристигнувањето на бојното поле, и дека не учествувале во борбите ниту, пак, убиле украински војници
Двајца кинески државјани, кои се заробени додека се бореле на руска страна во источна Украина, на прес-конференција во Киев изјавија дека паднале во стапица организирана од Москва.

Двајцата мажи, чии идентитети не се објавени, рекоа дека кинеската влада не знаела оти биле регрутирани од руската војска. Тие рекоа дека договорите ги потпишале преку посредник, објави државната новинска агенција Интерфакс – Украина.
Еден од затворениците рече дека ја изгубил работата за време на пандемијата на ковид-19 и се надевал дека ќе најде работа како воен лекар, додавајќи дека воената служба се смета за чесна во кинеското општество.
„Кинеските власти ги предупредија граѓаните да не патуваат во воената зона. Сакав да бидам болничар. Бев ранет и се предадов“,
рече тој.
Тој додаде дека кинеските власти промовираат пријателски став кон Русија, а информациите за таа земја, според него, се искривени и се користат за привлекување кинески граѓани во војната.
„Не вреди. Ништо од она што ни го кажаа Русите не беше вистина“,
рече тој додавајќи: „Јас би го нарекол тоа стапица“.
Реклами во Кина: „Биди маж“
Според извештајот на Радио Слободна Европа, кинеските мажи се намамени во руската воена машинерија преку реклами на социјалните медиуми кои ветуваат високи плати и воени авантури.
Една таква реклама на Веибо, една од најголемите платформи во Кина, е прегледана стотици илјади пати. На неа се прикажани мажи кои ги напуштаат своите работни места за да се борат за Русија, а завршува со реченицата:
„Ти си маж. Биди маж“.

Видеото, кое е на руски јазик со кинески титл, нуди бонус за пријавување до 21 000 долари и месечна плата од околу 2 400 долари, што значително ги надминува просечните приходи во многу делови од Кина.
„Не знаев речиси ништо за Украина“
Друг затвореник, кој тврди дека потекнува од релативно богато семејство, рече дека пристигнал во Русија како турист.
„Никогаш не очекував да одам во војна. Не знаев речиси ништо за Украина“,
рече тој.
И двајцата изјавија дека биле заробени на 8 април, веднаш по пристигнувањето на бојното поле, и дека не учествувале во борбите ниту, пак, убиле украински војници.
Еден ден подоцна украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку 155 кинески државјани се борат во редовите на руската армија против Украина и дека властите во Пекинг знаат за „систематска кампања за регрутирање“ предводена од Москва.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, одговори на овие обвинувања минатата недела и изјавите на Зеленски ги нарече неодговорни.
Заробените Кинези изјавија дека сакаат да бидат репатрирани и дека се подготвени да се соочат со казна бидејќи кинескиот закон им забранува на нејзините граѓани да учествуваат во вооружени конфликти на која било страна.
Кина никогаш јавно не ја осуди руската инвазија на Украина во 2022 година, а во текот на изминатите три години ја зајакна економската, воената и политичката соработка со Москва.