Кина и САД, двете водечки економии во светот, си проследија одмазднички царински тарифи, односно откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 145 отсто на увозот од Кина, Пекинг возврати со 125 отсто
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг при неговата прва посета на Виетнам оваа година рече дека трговските и царинските војни нема да донесат победник.

Според него, протекционизмот „не води никаде“. Неговиот коментар доаѓа во време на трговска војна меѓу Кина и САД, двете водечки економии во светот, односно откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 145 отсто на увозот од Кина, а Пекинг возврати со 125 отсто, сигнализирајќи го крајот на какви било дополнителни зголемувања од негова страна.
Американската администрација, исто така, воведе царини од 46 отсто за увоз од Виетнам.
„Ние треба правилно да управуваме со разликите и да ги зачуваме мирот и стабилноста во нашиот регион“,
рече тој.
Кинескиот претседател вчера во виетнамскиот главен град Ханој ја започна турнејата, во која ќе посети три земји од Југоисточна Азија, што е негово прво патување во странство во 2025 година.
Ова е четврта посета на Си на Виетнам откако стана генерален секретар на Кинеската комунистичка партија во ноември 2012 година.
По дводневната државна посета на Виетнам, Си ќе отпатува за Малезија на покана на кралот Султан Ибрахим, а турнејата ќе ја заврши на крајот од неделата со посета на Камбоџа, чиј домаќин е кралот Нородом Сихамони.
Патувањето доаѓа во време на зголемени регионални тензии и трговска војна со САД, при што двете економски сили се вмешани во одмазднички тарифи.
Царините за сите кинески производи изнесуваат најмалку 145 отсто.
Откако минатата недела стапија во сила новите царини што САД ги воведоа за приближно 60 земји во светот, американскиот претседател Доналд Трамп потоа објави 90-дневна пауза која и покрај недостатокот на детали за кои земји точно се однесува, предизвика благ раст на берзите, кои беа под закана од колапс поради трговската војна што тој ја наметна со царинската политика.