Во однос на тоа дали актуелните градоначалници од редовите на СДСМ ќе добијат повторно шанса да се кандидираат, потпретседателката на СДСМ порачува – во секоја општина теренската реалност е различна и секоја општина има свои специфики

Активно работиме изминатите месеци на подготовка за локалните избори, се прават истражувања на јавното мислење, а довербата за кандидати ќе ја добијат заслужни луѓе со сериозен потенцијал, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Кога станува збор за локалните избори, ние активно работиме во изминатите неколку месеци со локалните раководства, со граѓаните… Се прават истражувања на јавното мислење или мислењето на граѓаните во поедини општини и согласно резултатите коишто ќе ги добиеме и согласно она што значи социјалдемократски вредности, во имплементацијата на истите на локално ниво, на претстојните локални избори ќе настапиме со заслужни луѓе и со сериозни кадровски потенцијали“,
рече Костова.
Во однос на тоа дали актуелните градоначалници од редовите на СДСМ ќе добијат повторно шанса да се кандидираат, потпретседателката на СДСМ вели – во секоја општина теренската реалност е различна и секоја општина има свои специфики.
Прашана дали пристапот дека успех за СДСМ на локалните избори ќе биде освојување макар еден глас повеќе отколку на ланските парламентарни е „прескромно поставена амбиција“, Костова вели дека амбициите растат.
„Јас мислам дека очекувањата се малку подигнати имајќи го предвид она што го гледаме како активност на општинските организации. Имајќи ја предвид вратената доверба не само помеѓу членството, туку и помеѓу добар дел од симпатизерите. И препознавањето на онаа вратена борбеност во сдсмовските редови, но и она опозициско дејствување и особено кога станува збор за локални политики. Овде се надоврзува ситуацијата од изминатите три и пол години каде што најголем број од локалните самоуправи се водени од ДПМНЕ-вски кадри и ние забележуваме невиден ‘ршум на ниво на локални политики. Гледаме што се случува во Скопје. Имаа толку големи ветувања, а сега гледаме дека практично функционирањето на Скопје како град е стопирано, е блокирано поради неможноста да постигнат договор оние коишто даваа лажни ветувања на скопјани“,
вели Костова.
Според неа, загрижувачки е што нема информации како во целост се користат парите од унгарскиот кредит.
„Не беше ниту најавен, ниту ветен, ниту побаран, а претставува туркање на Македонија во должничко ропство и кој е сомнително кренат, со многу повисока каматна стапка и договорен во четири очи. Станува збор можеби за сламка за спас на нефункционални општини или градоначалници коишто ги водат тие општини. Но, исто така, забележуваме дека проектите со коишто најголем дел од нив настапуваат се повторно проекти коишто се непродуктивни и коишто не се развојни. Затоа што ние зборуваме за сериозни економски предизвици со коишто се соочува државата, особено во последните месеци, особено во месеците во коишто владее ДПМНЕ и е влада, ама гледаме дека тие не сакаат да се соочуваат со економските предизвици преку развојни проекти, туку некоја нова или продолжување на таа ‘Скопје 2014’-матрица“,
смета Костова.