Од ДЗР велат дека со недоставување на финансиските извештаи се влијае негативно на степенот на отчетност, транспарентност и јавност во трошењето на јавните средства обезбедени од буџетот од страна на политичките партии

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска испрати потсетување до партиите да ги поднесат финансиски извештаи за 2024 година, во спротивно велат дека ќе побараат од министерот за правда да донесе одлука за запирање на исплатата на средства за редовно годишно финансирање од буџетот на Македонија за оваа година.
„Во поглед на констатираната фактичка состојба на финансиско известување за известувачката 2024 година, ДЗР укажува на потреба од итно постапување на политичките партии кои заклучно со 30 март годинава се уште не ги поднеле сите или некои од погоренаведените финансиски извештаи, односно упатува итно да ги достават до Државниот завод за ревизија“,
се вели во денешното соопштение.
Од ДЗР велат дека со недоставување на финансиските извештаи се влијае негативно на степенот на отчетност, транспарентност и јавност во трошењето на јавните средства обезбедени од буџетот од страна на политичките партии и се нарушува угледот на Република Северна Македонија пред мониторинг телата на Европската Унија и меѓународната заедница во целина.
Катерина Чалоска-Алековска, која е помошничка на државниот ревизор за политички партии, во интервју за „360 степени“ пред еден месец рече дека Државниот завод за ревизија е во завршна фаза на изготвување на извештаите за учесниците во минатогодишните претседателски и парламентарни избори.
Таа рече дека во основа учесниците во изборните кампањи обезбедуваат почитување на законската регулатива, но секако, како и секаде, има исклучоци во делот на усогласеност со законите. Најчести недостатоци се, како што рече таа, доцнење со затворање на трансакциската сметка за избор на кампања. Постои, вели Чалоска-Алековска, кај неодредени учесници да изостават дел од извештаите за примените донации, меѓутоа сепак вкупниот финансиски извештај кој е сублиматум на сите тие претходни извештаи, го доставиле.