Според извештајот, Трамп тежи околу 101,6 килограми и е висок 190,5 см. Во мирување, неговиот пулс е 62 отчукувања во минута, а крвниот притисок е 128/74 mmHg
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, е „целосно способен“ да ги извршува претседателските должности, се наведува во меморандумот на Белата куќа објавен денеска, по годишниот медицински преглед на Трамп.

Во белешката се наведени резултатите од лабораториските тестови, физичките прегледи и когнитивниот тест, и се заклучува дека Трамп останува во „одлична здравствена состојба“.
Според извештајот, Трамп тежи околу 101,6 килограми и е висок 190,5 см. Во мирување, неговиот пулс е 62 отчукувања во минута, а крвниот притисок е 128/74 mmHg.
Трамп доби 30 од 30 поени на Монтреалска когнитивна проценка (MoCA), се вели во белешката.
Прегледите на различни телесни системи биле нормални, вклучувајќи ги очите, главата, ушите, носот и грлото. Докторот забележал лузна на неговото десно уво, што е резултат на обид за атентат во Пенсилванија минатата година.
„Претседателот има силна кардиолошка, пулмонална, невролошка и општа физичка функција. Неговиот активен животен стил значително придонесува за неговото здравје“,
напишал д-р Шон Барбабела.
Како доказ за овој начин на живот, Барбабела го наведува учеството на Трамп на состаноци, јавни настапи и „честите победи на голф турнири“.
Барбабела, исто така, изјави дека колоноскопијата минатото лето покажала дека претседателот имал дивертикулитис, воспаление предизвикано од формирање на мали кесички (дивертикули) во ѕидот на дебелото црево. Иако често нема симптоми, дивертикулитисот може да предизвика непријатност и повремено крварење.
Во документот, исто така, се наведува дека Трамп претходно имал операција на катаракта, но не е прецизирано кога.
„Претседателот Трамп демонстрира одлично когнитивно и физичко здравје и е целосно способен да ги извршува должностите на врховен командант и шеф на државата“,
се заклучува во меморандумот.