Тие ги отфрлија обвинувањата дека се „платеници“ и како што рекоа, „ние сме економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти, архитекти“

Неколку стотини граѓани денеска учествуваа во протестниот марш на граѓанската иницијатива „Кој е следен“.
Носејќи транспарент на кој е напишано „системот е следен“ и извикувајќи „нема да молчиме“, „доста беше смрт“, граѓаните протестот го почнаа од пред зградата на Владата. Потоа маршот го продолжија пред Собранието и старата градска болница каде со аплауз ги поздравија здравствените работници, а го завршија пред Кривичниот суд.
„Ние умираме заради вашиот профит“, „Македонија, Србија, Грција…непријателот е ист политичар, капиталист“, „Колку пари чини еден живот“, беа дел од транспарентите што ги носеа граѓаните на маршот на кој побараа правда за жртвите во досегашните трагедии што се случени поради, како што велат, нефункционалноста на системот.

Како што изјави претставничката на граѓанската иницијатива Анастасија Митревска, денешниот протест е за сите барања на иницијативата изнесени во јавноста, а дел од нив и поднесени до Владата, но како што рече, властите повеќе посветуваат внимание за тоа кој ги организира протестите, отколку да се фокусираат на барањата.
Таа упати апел до сите граѓани да го кренат својот глас против неправдата.
„Не треба да ги заборавиме сите овие трагедии. Протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега, за кои властите се запознаени. Но, тие повеќе се вртат за тоа кои сме ние, наместо да посветат внимание на тоа што ние бараме“,
рече Митревска.
На крајот од протестот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања. Тие ги отфрлија обвинувањата дека се „платеници“ и како што рекоа, „ние сме економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти, архитекти“.
„Нас не нарекуваат платеници затоа што сме си ја платиле сметката и сме дошле на протест тука. Македонците полсено ќе го замислат крајот на светот, отколку политичко движење што не е партија. Ако си гласен, си партија. Ако се организираш, си закана. Ако спомнеш жртва, ја злоупотребуваш. Ако молчиш, си нормален. Ние не сакаме да бидеме нормални во овој ненормален систем“,
рекоа од „Кој е следен“ додавајќи дека немаат партиски штаб и скриена агенда.
Во обраќањето од пред Кривичниот суд, од „Кој е следен“ рекоа „не сме тука за да срушиме држава, тука сме за да си ја вратиме“.

Протестниот марш заврши со триминутен молк за сите жртви од трагедиите изминатите години.
Иницијативата „Кој е следен“ на крајот на минатиот месец пред македонскиот парламент одржа „народното собрание“ кога собраните граѓани поставија столчиња на улицата, а пред нив стоеше транспарент „Собранието заседава, молиме за галама“.
„Народното собрание“, како што рекоа има две точки на дневен ред. Првата беше изнесување на барањата на „Кој е следен“, а втората „граѓаните зборуваат“.
„Народното собрание“ се одржа откако неколку дена претходно илјадници граѓани се собраа на протестен марш кој почна од плоштадот „Македонија“ и преку улицата кај Собранието, старата градска болница и кејот не реката Вардар заврши пред зградата на Владата.