Одлуката доаѓа откако Америка претходно оваа недела воведе дополнителни 50 отсто царини за кинеска стока. Ова следува по двете претходни мерки, од 34 проценти и 20 проценти, така што вкупната американска царина за кинескиот извоз од утрината изнесува 104 проценти

Кина најави дека од утре ќе воведе дополнителни царини за стоки од САД.
Пекинг сега ќе го оданочува американскиот увоз со стапка од 84 отсто, што е зголемување од 50 отсто во однос на претходните кинески царини.
Одлуката доаѓа откако Америка претходно оваа недела воведе дополнителни 50 отсто царини за кинеска стока. Ова следува по двете претходни мерки, од 34 проценти и 20 проценти, така што вкупната американска царина за кинескиот извоз од утрината изнесува 104 проценти.
Кина претходно ја информира Светската трговска организација (СТО) дека одлуката на САД се заканува дополнително да ја дестабилизира глобалната трговија.
„Ситуацијата опасно ескалира. Како една од погодените земји членки, Кина изразува длабока загриженост и одлучно противење на овој неодговорен потег“,
се вели во соопштението на кинеските власти.
Трамп вчера рече дека неговата влада работи на приспособени договори со трговските партнери, а од Белата куќа рекоа дека приоритет ќе им се даде на сојузниците како Јапонија и Јужна Кореја. Неговиот највисок трговски функционер Џејмисон Грир, исто така, изјави пред Сенатот дека Аргентина, Виетнам и Израел се меѓу оние кои понудиле да ги намалат нивните царини, пренесува „Гардијан“.
Трамп на вечерата во Националниот републикански конгресен комитет во Вашингтон синоќа го фалеше својот план за воведување царини велејќи дека лидерите од многу земји го бараат и молат за договор за царините, објави Еј-би-си њуз.