„Земјите како Кина, кои одлучија да се одмаздат и да се обидат да го удвојат нивното малтретирање на американските работници, прават грешка. Претседателот Трамп има челичен ‘рбет и тој нема да се скрши“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит
Претседателот Доналд Трамп од утре ќе воведе неверојатни давачки од 104 отсто за сите кинески увозни производи, објави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Уште минатата недела Кина требаше да почувствува зголемување на царините за 34 отсто како дел од реципрочниот тарифен пакет на Трамп. Но, американскиот претседател предложи зголемување за уште 50 отсто, откако Пекинг не отстапи од ветувањето дека ќе воведе тарифи од 34 отсто за американските стоки.
„Земјите како Кина, кои одлучија да се одмаздат и да се обидат да го удвојат нивното малтретирање на американските работници, прават грешка. Претседателот Трамп има челичен ‘рбет и тој нема да се скрши“,
изјави Левит.
Кинезите сакаат да се договорат, но според неа, едноставно не знаат како да го направат тоа.
Левит одби да каже под какви услови Трамп ќе размисли за намалување на царините за Кина.
Кинеската влада вели дека „ќе се бори до крај“ доколку САД продолжат да ја ескалираат трговската војна, откако Доналд Трамп се закани со огромни дополнителни царини како одговор на контрамерките на Кина.
Кинеското Министерство за трговија ги обвини САД за „уцена“ и рече дека заканите на американскиот претседател за дополнителни царини од 50 отсто доколку Пекинг не ја поништи сопствената реципрочна царина од 34 отсто се „грешка над грешката“.
Кина беше втор најголем извор на увоз во Америка минатата година, испраќајќи стоки во САД од вкупно 439 милијарди долари, додека САД во Кина извезе стоки во вредност од 144 милијарди долари.
Реципрочните царини се закануваат да ѝ наштетат на домашната индустрија и да доведат до отпуштања.
Десетици други земји, како и Европската Унија, исто така се соочуваат со краен рок за нови царини на полноќ. Тие стапки, кои Трамп ги изложи минатата недела, се движат од 11 до 50 отсто.
Левит им рече на новинарите дека и покрај неколкуте разговори со светските лидери кои имаат за цел да преговараат за пониски царини, Трамп нема многу апетит да ги одложи своите планови.