Премиерот рече дека во моментов се прави анализа и споредба на податоците и дека континуирано се разговара со САД во врска со ова прашање. Не откри што точно се разговара со партнерите од САД, велејќи дека се работи за сензитивен процес и најави дека јавноста детално ќе биде информирана тогаш кога процесот ќе заврши
Многу скоро очекувам да се коригира ова што е резултат на некаква грешка или погрешна информација, изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната прес-конференција во Владата говорејќи за царините од 33 отсто што ги воведоа САД за увоз на стоки од земјава.

Ставот дека се работи за грешка или погрешна информација, премиерот Мицкоски ја темели врз трговската размена со САД во 2024 година која, како што рече, е во дефицит, односно е во негатива.
„А, тие држави кои се во дефицит практично немаат ваков тип зголемување на давачките“,
рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека во моментов се прави анализа и споредба на податоците и дека континуирано се разговара со САД во врска со ова прашање.
„Во контакт сме и со амбасадата, со Министерството за економија и со кабинетот со претседателот Трамп. Тоа беше дел и од разговорите кои во Брисел накратко ги имаа министерот Муцунски и државниот секретар Рубио, така што, во периодот што следува очекувам да се излезе од оваа состојба. Очекувам многу скоро да се коригира ова што е резултат на некаква грешка или погрешна информација“,
додаде Мицкоски.
Премиерот не откри што точно се разговара со партнерите од САД, велејќи дека се работи за сензитивен процес и најави дека јавноста детално ќе биде информирана тогаш кога процесот ќе заврши. На прашањето кој дел од македонската економија најмногу ќе биде погоден од воведените царини, Мицкоски вели:
„Што се однесува до тоа кој дел од економијата ќе биде погоден, можам да кажам дека секундарните ефекти можеби ќе бидат поголеми односно доколку, да речеме, земјите од ЕУ не успеат да го надминат сето ова со САД, тогаш ефектите би биле многу поголеми отколку сега примарните ефекти што ние ги имаме директно на билатерално ниво со САД.“