За претседател на СДСМ гласале околу 18 000 члена, што е значително повеќе од околу 13 000 члена колку што гласаа пред девет месеци, по катастрофалниот пораз на парламентарните избори во мај 2024-тата
Иако трендот е позитивен, бројките се далеку од резултатите во минати изборни циклуси во партијата
Не ни можеше да се очекува друг исход од денешните внатрепартиски избори во СДСМ. Венко Филипче беше единственото име на гласачкото ливче. Но мораше да се почека крајот на гласањето за да се дознае веста – со колку гласови тој останува претседател на партијата.
Беа регистрирани околу 23 000 гласачи, па не можеше да се очекува многу повеќе од тоа.

„Од 23 712 запишани избирачи, вкупно гласаа 18 140. За претседателот Венко Филипче гласот го дадоа 18 001, неважечки ливчиња 139“,
изјави Бранко Георгиевски, претседател на Централната изборна комисија.
Осумнаесет илјади гласа и не се некој резултат за избор на лидер на СДСМ. Партијата памети подобри денови. На пример, Зоран Заев во 2021 година доби 59 илјади. Но, и таков каков што е, денешниот резултат на Филипче е напредок.
На претходните избори на крајот на јуни 2024-тата, кога од кормилото си замина Димитар Ковачевски по катастрофалниот пораз на парламентарните избори во мај истата година, Венко Филипче доби околу 9 000 гласа. Точно е дека имаше противкандидати, но заедно и со неважечките ливчиња, на тие избори излегоа околу 13 000 члена на партијата. Денешните 18 000 се значително повеќе од тоа. Но, повторно, ниту блиску до најдобрите денови на партијата која во 2019-тата преброја дека има 83 000 члена.
Па, веројатно, не беше случајно што старо-новиот претседател го почна победничкиот говор со зборовите:
„Благодарам другари и другарки на присуството. Многу поголемо од претходно пат“.
А, потоа продолжи:
„Ова не е само моја победа. Ова е заедничка победа. Ова е победа на сите членови на СДСМ коишто искрено веруваат во вредностите на социјалдемократијата, во правичноста, во напредокот, во еднаквоста“.
Таа победа, кажа Филипче, смета дека е резултат на добрите политики кои ги водела партијата во последниот период. Вети дека така и ќе продолжи. Дека секој ќе биде слушнат, дека секоја идеја ќе биде добро анализирана и дека доколку е добра, ќе биде вградена во политиките на партијата.

„Имаме тешка задача пред нас. Сега во следниот период почнува сериозната подготовка за локалните избори и процесот ќе го правиме така како што го најавивме и како што веќе го започнавме. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред своите пријатели и познаници во своите општини. Луѓе на кои ќе може да им се верува дека политиките и програмите коишто ќе ги ветат, ќе можат да ги исполнат“,
рече Филипче.