Во разговорите што ги имавме со балканските лидери констатиравме дека имаме приближно слични епидемиолошки податоци, и ќе бидеме подготвени целосно да ги отвориме нашите копнени граници со соседните земји на 15 јуни, доколку нешто драстично не се промени, соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на средбата во Солун со префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас.
Како што јави МИА од Атина, Ѕиѕикостас посочил дека тие оваа година ќе му дадат тежина на копнениот туризам, кој „колку е можно, може да го спаси туризмот“, додека пак Мицотакис истакна дека често во Грција се заборава дека повеќе од десет милиони посетители, доаѓаат по копнен пат во земјата.
„Северна Грција има предност, бидејќи е повеќе зависна од патниот туризам, од земји кои досега многу добро успеаја да се справат со пандемијата. Според тоа, не ни создаваат особена епидемиолошка загриженост за да можеме да ги отвориме границите со некои основни контроли со земање случајни примероци и секако, секогаш, придржувајќи се до сите протоколи за безбедност“,
изјавил Мицотакис.
Претходно Мицотакис најави дека прво ќе се отвораат границите со земјите со слична епидемиолошка слика и дека тестови за влез во земјата ќе се прават по случаен избор.
Србија веќе ги отвори границите, додека Албанија најавува дека тоа ќе се случи на на 1 јуни.