Покрај отповикувањето од функцијата, 64-годишниот Јеол се соочува и со судски процес поради обвиненијата за бунт
Уставниот суд на Јужна Кореја одлучи да го потврди отповикувањето на претседателот на земјата Јун Сук Јеол, поради прогласување вонредна состојба минатата година и втурнување на земјата во најголемата политичка криза во последните децении, пренесоа светските медиуми.

Со официјалното отстранување на Јеол, претседателските избори во Јужна Кореја мора да се одржат во рок од 60 дена, согласно уставот на земјата.
Премиерот Хан Дак-су ќе продолжи да ја извршува функцијата претседател до инаугурацијата на новиот шеф на државата.
Одлуката на уставниот суд стави крај на повеќемесечниот политички хаос што ги засени напорите на земјата да соработува со новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп во време на забавување на економскиот раст.
Покрај отповикувањето од функцијата, 64-годишниот Јеол се соочува и со судски процес поради обвиненијата за бунт.
На 15 јануари, тој стана првиот јужнокорејски претседател кој е уапсен додека ја извршува функцијата, но беше ослободен во март, откако судот го укина налогот за негово апсење.
Политичката криза беше предизвикана од декларацијата на Јеол за воведување воена состојба во земјата на 3 декември, за која рече дека е неопходна за да се искоренат „антидржавните“ елементи и злоупотребите на парламентарното мнозинство на опозициската Демократска партија, кое, според него, ја уништува земјата.
Јеол ја укина воената состојба шест часа подоцна, откако пратениците се спротивставија на напорите на безбедносните сили да го затворат парламентот и гласаа за негово отповикување.
Тој тогаш рече дека никогаш немал намера целосно да воведе вонредна состојба, обидувајќи се да ги минимизира последиците, велејќи дека никој не бил повреден во развојот на настаните.
По одлуката на Јеол за воена состојба и нејзиното повлекување кратко потоа, уследија и протести во земјата кои траеја неколку месеци и предизвикаа политичка и општествена криза во земјата.

Останува да се види дали одлуката на уставниот суд ќе го намали олесни политичкиот хаос во земјата што го предизвика потегот на сега и официјално отповиканиот претседател.