„Кога младите излегуваат на улица и бараат промени ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме. Очигледно конвенционалните начини на водење на политика на политичка борба не даваат доволно резултати“, изјави лидерот на СДСМ и додаде дека од трагедијата во Кочани треба да се извлече поука за во иднина да се спречат вакви трагедии
Не се потребни само зборовите дека ни е потребно единство и обединување, тоа треба да го претвориме во вистински дела, бидејќи тоа можеме најмалку да го направиме за 59 семејства кои останаа без своите деца, но и за другите стотина кои имаат деца на лекување и секако целото општество кое гледаме дека бара некакви промени.
Ова вечерва го изјави лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во текот на гостувањето во хуманитарното отворено студио на телевизија Канал 5 за донирање средства за настраданите во Кочани.

„Кога младите излегуваат на улица и бараат промени ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме. Младите се категорија на граѓани коишто не ги интересира ниту минатото, не ги интересира сегашноста, туку ги интересира иднината. Очигледно конвенционалните начини на водење на политика на политичка борба не даваат доволно резултати“,
рече лидерот на СДСМ.
Во оваа смисла, Филипче рече дека следната недела ќе упати повик за лидерска средба во Собранието на лидерите на најголемите политички партии на кои, како што рече, ќе им го презентира својот план, она што тој смета дека партиите имаат обврска да го направат за државата, настрана од сите коалиции.
„Да се направи тоа што суштински треба – вистински реформи во правосудството, суштински промени во здравствениот систем, да се почне изградбата на клиничкиот центар, да се направат суштинските промени во образовниот систем, да се дуплираат примањата на наставниците, да се осигураме дека нашите деца ќе имаат добра едукација, да се направи дефинитивна промена во системот на јавна администрација и конечно, да разговараме за европските поглавја поради тоа што тоа е единствениот начин да се бориме против корупцијата зашто главната причина за корупцијата е сиромаштијата. Нема да може да ја совладаме сиромаштијата без да го започнеме тој процес и да се надеваме, ако час поскоро го започнеме, да ги видиме првите резултати за пет до десет години. Мора да бидеме реални и да знаеме што и кога можеме да очекуваме“,
додаде Филипче.
Рече дека од трагедијата во Кочани треба да се извлече поука за во иднина да се спречат вакви трагедии.