Тој ова го соопшти откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, претходно денеска на прес-конференција рече дека со голема шокираност ја примиле информацијата која се појавила на социјалните мрежи каде што, како што кажа, „се гледа како функционерот и директор на Центарот за истражување и анализи на СДС, Јон Фрчкоски, користи бели наркотични супстанции“
Јон Фрчкоски попладнево преку објава на социјалните мрежи информира дека се повлекува од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Неговата објава доаѓа откако претходно денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција објави фотографии од младиот Фрчкоски со бела прашеста материја пред себе, прашувајќи дали станува збор за наркотична дрога кокаин.
Обвинувањата на Петрушевски уследија откако Јон Фрчкоски вчера на прес-конференција праша зошто актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) не е опфатен во истрагата за пожарот во т.н. кабаре-клуб „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 млади луѓе.
„Ниско и нечовечно е да се дефокусира јавноста за катастрофалниот начин на којшто се води истргата за трагедијата во Кочани во која згаснаа животите на 59 луѓе. Тоа зборува за ДПМНЕ, но јас нема да дозволам да бидам месо за јавен линч. За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата којашто ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ“,
напиша Јон Фрчковски денеска на Фејсбук.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, претходно денеска на прес-конференција рече дека со голема шокираност ја примиле информацијата која се појави на социјалните мрежи, како што кажа, „каде што се гледа дека функционерот и директор на Центарот за истражување и анализи на СДС, Јон Фрчкоски, користи бели наркотични супстанции“.
Петрушевски рече дека не знаат дали навистина станува збор за дрога и додаде дека поради јавниот интерес граѓаните заслужуваат одговори.
„Инаку, Јон Фрчкоски е синче на Љубомир Фрчкоски, поранешен министер во владите на СДС, несуден дипломат и еден од татковците на криминалната транзиција. Неговото синче, пак, Јон Фрчкоски, на прес-конференции тврдеше дека селективна правда е неправда за случајот во Кочани. Бидејќи тоа е точна констатација со која се согласуваме, јавно го прашуваме Јон Фрчкоски дали тоа што користи е наркотична супстанција кокаин? Ако тоа е точно, дали Јон Фрчкоски се дрогира во просториите на СДС или во просториите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, каде што Јон беше помошник-директор“,
праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Додека говореше на прес-конференцијата, на видеобимот во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ беа прикажани две фотографии од Јон Фрчкоски како седи на биро со лаптоп со бела материја пред него.
Петрушевски дополнително праша дали Јон Фрчкоски е подготвен да направи јавен наркотест за утврдување присуство на психотропни супстанции и кој е ставот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Сведочиме на време во кое размазените синчиња на комунистичката црвена буржоазија, која го создаде трулиот и корумпиран систем, сега без ронка срам и образ злоупотребуваат трагедии, еве што прават во слободно време. Бидејќи селективна правда е неправда, не сакаме да веруваме дека Јон Фрчкоски и Венко Филипче ќе дадат половични одговори. Јавноста бара одговори“,
рече Петрушевски.

Освен објавата на Јон Фрчкоски дека се повлекува од позицијата во партијата, од опозицискиот СДСМ засега нема реакција за наводите на ВМРО-ДПМНЕ.