Тоа, како што појасни владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција, значи дека дури и да го добие мислењето од Советот на Јавни обвинители, Владата нема да го испрати до Собранието на понатамошно одлучување
Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски дури и доколку добие мислење од Советот на јавни обвинители во врска со предложеното разрешување.

Тоа, како што појасни владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција, значи дека дури и да го добие мислењето од Советот на ЈО, Владата нема да го испрати до Собранието на понатамошно одлучување.
„Она на што се однесуваше дека како Влада ќе ја прекинеме постапката се однесува на делот што Владата потоа, по добиеното мислење од Советот на јавни обвинители треба да го испрати таквото мислење до Собранието. Во овој контекст, сакам да појаснам дека Владата и доколку добие мислење од страна на Советот за јавни обвинители ќе ја сопре постапката, односно нема да го испрати до Собранието“,
изјави Митева на денешната прес-конференција.
Во оваа смисла, владината портпаролка додаде дека Советот на јавни обвинели ќе постапува согласно роковите.
Изјавата на портпаролката на Владата следува откако вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе биде запрена поради трагедијата во Кочани на чија истрага работи тим од 11 обвинители. Во оваа смисла, Мицкоски рече дека на обвинителите кои работат на случајот од Кочани треба да им се даде шанса да работат и да сработат.
Инаку, Советот на јавни обвинители денеска требаше да одржи седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Седницата не се одржа бидејќи немаше кворум. Седницата со оваа точка на дневен ред првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица.