Видевски одговараше на директни прашања на неговиот адвокат Бојан Манев. Рече дека со Велибор Манев се знаеле одамна, а комуникацијата се интензивирала откако се приклучил на партијата Десна. Тогаш ги запознал и другите. На прашање каде биле деновите 21, 22 (кога е убиен Жежовски) и 23 ноември 2023 година, Видевски одговори – на работа
Боре Видевски, третообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, негира каква било вмешаност во двата грозоморни настани. Неговиот исказ следуваше по долгиот распит на Велибор Манев пред судот, кој траеше три рочишта и на кои изнесе детали за грабнувањата и убиствата, напоменувајќи ја и улогата на Видевски во нив.
Видевски одговараше на директни прашања на неговиот адвокат Бојан Манев. Рече дека со Велибор Манев се знаеле одамна, а комуникацијата се интензивирала откако се приклучил на партијата Десна. Тогаш ги запознал и другите. На прашање каде биле деновите 21, 22 (кога е убиен Жежовски) и 23 ноември 2023 година, Видевски одговори – на работа.
„Работам само прва смена од 7 до15 часот, но кога има потреба останувам. Тој ден имав слава Архангел Михаил, бев дома. На 22 бев на работа и на 23 бев на работа и на 24 бев на работа”,
рече Видевски.

Прашан од кога потекнуваат снимките и кога се собираат во куќата на Велибор Манев и за што разговараат, Видевски рече дека имало сознанија споделени од тогашниот лидер на Десна, Љупчо Палевски, дека името на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија ќе се менува во црква на Северна Македонија и поради тоа биле повеќето активности на партијата.
„Членовите имаа задача да се активираат 150 000 декларации, како и да се направат повеќе литии во повеќе градови во Македонија и тамошните цркви. Планот беше првата литија да биде во Велес и верувам дека тоа што гледале е една од таквите средби”,
рече Видевски.
Вечерта на 26 ноември, пред грабнувањето и убиствата на Вања, обвинетиот рече дека му се јавил Велибор Манев и му кажал дека имаат состанок во Скопје. Тврдеше дека заминале со возилото на Манев.
„Со колата дојде да ме земе на 26-ти и тргнавме во Скопје. Пристигнавме во просториите на Десна, мислам дека имаше поткаст и затоа подоцна отидовме. Таму беа и Кристијан Плотников и Ѓорѓи Џолев, се задржавме доста доцна. Бидејќи партијата е новоформирана и има проблеми со наоѓање простории за одредени активности на политички план, се задржавме малку подоцна и останавме да преноќиме. Преноќивме кој каде што стигна. Во обвинителство кажав дека спиев до 10 часот, но можеби сум станал и порано”,
рече Видевски.
Она што кажал, како што рече, го кажал бидејќи бил тепан во полициска станица. Бил уапсен на 3 декември 2013 година и за кратко време префрлен од Велес во полициска станица во Скопје. Тој дел од исказот го посвети на споделување детали за тоа како бил тепан во полициска станица за да го признае делото.
„Ме симнаа во една ќелија во полициска станица, не знам колку време бев во неа. Потоа ме качија повторно горе. Еден инспектор веднаш ме фати за рака, ме повлече, ме соборија во ходникот и почнаа да ме удираат и да зборуваат за случајот. Како удираа, така зборуваа и за едното и за другото убиство, ми посочуваа податоци, а потоа се појави уште едно лице и се приклучи на нивната работа. Тоа беше континуирано. Од почетокот им реков дека не знам ништо. Но тие продолжија, едниот беше толку револтиран оти се фатив за стомак да го заштитам трансплантираниот бубрег. Ме удираа секаде, освен во главата. Ме удираа во ѕид. Цело време ме прашуваа зошто сум го направил тоа. Ми покажуваа слики на мобилните телефони. Тоа беа слики што ги видовме тука. Меѓу нив и од убиеното девојче. На една слика каде што се гледа дел од рамо и рака рече дека тоа сум јас. Забележав дека ударите се најчести кон бубрегот. Тогаш сфатив дека нема да се откажат и на крај го добија тоа што сакаат, изјава во која јас ќе изгледам виновен. Ја направија изјавата и јас ја потпишав”,
рече обвинетиот Видевски.

Напомена дека додека го тепале го прашале и дали го познава таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет во случајот за помагање.
„Третото лице кое се приклучи држеше дрвена палка и ме удираше и буквално ќе го цитирам, рече: ‘Мора да кажеш или ќе те убијам’. Зборуваше на акцент од источна Македонија”,
рече тој.
Физичкото малтретирање, тврди Видевски, продолжило и во притвор, а за тоа не се пожалил ниту за време на распитот во обвинителство ниту за време на оној во суд. Рече дека физичкото насилство прекинало кога на лекар во затворот каде што издржува притвор се пожалил на болки кај пресадениот бубрег, но продолжиле психички да го малтретираат.
„Две лица од надворешната страна на вратата ги кажуваа истите закани и она што ми го кажуваа во полициската станица”,
рече тој.
На прашање на неговиот адвокат тој кажа дека сите имале пристап до возилата „рено кангу“ и „фиат добло“, па така и тој ги возел, додека учествувал во селењето на просториите на партијата, но и потоа за разни потреби. Дали го возел „кангуто“ бидејќи учествувал во селењето на просториите на партијата. За комуникацијата со првообвинетиот Палевски, рече дека таа најчесто одела преку Велибор Манев бидејќи тој бил одговорен за Повардарието. Комуникацијата, како што кажа, одела преку Телеграм. На последното прашање на неговиот адвокат, дали на 26 и 27 ноември 2023 ја напуштил партијата Десна, Видевски рече „не“.
По директното испрашување на неговиот адвокат, тој одговараше на вкрстени прашања на обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска. На прашањата на обвинителките дека тој воопшто не се пожалил дека бил тепан, Видевски рече дека тоа било од страв. Прашан дали е точно дека од оружјето што го поседува недостига само пиштолот, рече дека било набавено во време кога било престиж да се поседува. Рече дека има аверзија кон оружје. За пиштолот кажа дека не знае каде е, можеби е преместен одамна. Рече дека тоа не значи дека направил нешто лошо.
На прашање дали некој друг направил нешто лошо, Видевски рече:
„Не можам да одговорам на тоа прашање”.
И во одговор на прашања на обвинителките, Видевски рече дека не го познава Александар Ѓорчевски и дека првпат го видел тука во судница.
Одбраната на првообвинетиот Палевски во неколку наврати приговараше дека испитувањето на Обвинителството излегува од рамките на вкрстено испрашување и повеќе оди во насока на распит и дека со тоа се крши Законот за кривична постапка. Поради исказот на Видевски, обвинителките побараа да се прочита она што го кажал во истрага во Обвинителството бидејќи се разликува од она што го кажал денеска. Судот го прифати предлогот на Обвинителството.