Доколку има лекарски грешка во третманот на 32-годишникот, министерот за здравство Арбен Таравари вели дека сигурно ќе има и одговорност
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и екипа од Министерството за здравство ќе утврдуваат дали имало пропуст и лекарска грешка во третманот на 32-годишникот кумановец, кој, според првичните информации, почина по алергиска реакција од аналгетик.
Ова денеска го најави министерот за здравство Арбен Таравари кој рече дека, според информациите што ги има, пациентот починал од анафилактички шок.

Инаку, анафилактички шок е сериозна алергиска реакција, која се јавува одеднаш и може да доведе до смрт.
„Да бидам искрен, анафилактички шок се случува секаде и може да се случи секогаш. За жал, понекогаш од анафилактичкот шок може да почине пациентот. Според информациите што ги имам, пациентот имал анафилактички шок, можеби се знаело можеби не се знаело за некој лек. Пациентот може примал некој лек порано и да не реагира“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
Доколку има лекарски пропуст во третманот, Таравари вели дека сигурно ќе има и одговорност.
„Доколку нема лекарски пропуст, тогаш ќе бидеме транспарентни и ќе ја известиме јавноста“,
додава министерот.
По наредба на јавен обвинител телото на 32-годишниот кумановец е дадено на обдукција.